|
Нато и ПзМ Соработка
Меѓународна
соработка
Меѓународната
димензија на политика на одбраната на Република Македонија е интегрален
дел од општата меѓународна политика на државата. Со естаблирањето
на Република Македонија како независна, самостојна и суверена држава,
меѓународна политика на одбраната на Република Македонија се градеше
врз јасни принципи.
Република Македонија
уште од самиот почеток својата стратегија ја заснова и насочува,
пред се, кон структурите на евроатлантските политичко-безбедносни
интеграции, со желба за нејзино целосно вклучување во нив, а тоа
се Европската Унија и НАТО, но, и другите меѓународни организации
како што се Обединетите Нации, ОБСЕ, Западно-Европската Унија, Советот
на Европа, итн. Активното учество на Република Македонија во сите
овие структури, е долгорочна цел на државата, и таа своето место
го гледа како рамноправен член на новиот европски политичко-безбедносен
систем.
Република Македонија,
покрај градењето на сопствен одбранбен систем, одлучи својата одбранбена
стратегија да ја заснова и со членувањето во колективните системи
на безбедност и одбрана, затоа што, како дел од европскиот безбедносен
механизам, тоа е единствениот начин, да се постигне поголема ефикасност
и висока борбена готовност, како и заштита на сувереноста и територијалниот
интегритет на земјата.
Тоа се основите врз кои се темели желбата на Република Македонија
за полноправно членство во Алијансата, на што во изминативе години
се работеше интензивно на неколку полиња. Република Македонија воспостави
целосна цивилна контрола врз одбраната, извршена е трансформација
на вооружените сили според стандардите на НАТО, усвоени се принципите
на раководење и командување во Алијансата, обуката и школувањето
на офицерите се изведуваат според критериумите на НАТО, изграден
е проект за компатибилен комуникациски и информациски систем, како
и студија за компатибилен систем за заштита на сувереноста на нашето
небо.
Република
Македонија и НАТО
Република Македонија
гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на модерната европска
безбедносна архитектура. Во таа смисла, Република Македонија цврсто
ги поддржува обидите на НАТО за трансформација на неговата одбранбена
политика со подобрување на стабилноста и соработката во Евроатлантската
област.
Република Македонија
своето членство во НАТО го смета како трајна обврска.
За тоа во државата
постои широк политички и општествен консензус. Одлуката е резултат
на нашата стратешка определба за активно учество во изградбата на
пошироката безбедносна архитектура во Евроатлантската област. Република
Македонија иднината на НАТО ја гледа како солидна гаранција за вкупната
европска безбедност и стабилност и како фундаментална основа на
новата европска безбедносна архитектура. Ваквите безбедносни рамки
би го опфатиле НАТО, внатрешно прилагоден и проширен со повеќе земји
членки, со засиленото Партнерство за мир и воспоставениот Евро атлантски
Партнерски Совет.
Во
новата европска безбедносна структура, Македонија го гледа и својот
придонез во проширувањето и зајакнувањето на безбедноста и во овој
дел на континентот. Република Македонија, според неподелени мислења
од Брисел, е една од најактивните членки на Партнерството за мир
и активно придонесува во промовирањето и реализирањето на целите
на Партнерството, со што дирекно учествува во градењето на новите
услови во кои доминираат соработката, кооперативноста, интероперативноста,
дијалогот, како и во градењето на мерки на доверба меѓу државите,
како неопходен предуслов во креирањето на безбедноста и во југоисточниот
дел на Европа.
Иницијатива за регионална
соработка и во Југоисточниот дел на Европа е добра идеја, која треба
да се операционализира како интегрален дел на процесот на градење
на новата европска безбедносна структура во духот на мадридскиот
документ. За тоа придонесуваат и средбите на министрите за одбрана
од југоисточна Европа кои се одржуваат еднаш годишно. Досега се
одржани две средби, првата во март 1996 година во Тирана, втората
во октомври 1997 година во софија, а третата ќе се одржи во септември
1998 година во Скопје.
Република Македонија
во рамките на програмата Партнерство за мир, изгради добра воена
соработка со земјите во регионот, пред се, со своите соседи. Заедно
со војниците на република Албанија, Република Бугарија, Република
Грција, Република Словенија, Република Романија, но, и со војниците
од САД, Турција и Италија, војниците на Армијата на Република Македонија
учествуваа на неколку вежби, спонзорирани од Алијансата, меѓу кои
и вежбата "Спасител '97", на кои се промовираше духот
на Партнерството.
Подготвени сме да
организираме и други слични вежби, но, и да формираме, во рамките
на Партнерството за мир, на Криволак, постојан тренинг центар за
обука за мировни ихуманитарни операции за членките на НАТО и на
Евро-Атлантскиот Партнерски Совет. Заедно со искуството од мисијата
на УНПРЕДЕП, сметаме дека имаме што да понудиме и да дадеме во обуката
на мировници за потребите на Алијансата.
Сите овие идеи, како
и приоритетот за градење мерки и доверба со соседите, соработката
во одбранбената област со земјите од регионот и со сите членки на
НАТО и на Евро Атлантскиот Партнерски Совет, се столбовите на кои
Министерството за одбрана ќе продолжи активно да партиципира и придонесува
во процесите на изградба на новата европска безбедносна структура.
Идејата за проширувањето на НАТО како процес, а не како еднократен
настан, ја сфаќаме како патоказ за проширување на зоната на безбедност
во цела Европа, и зајакнување на безбедноста на сите држави на континентот.
Во тој правец мислиме дека зоната на безбедност треба паралелно
да се проширува и кон југот на Европа, поточно, со земјите кои би
влегле во јужното крило на НАТО. Со ова Алијансата би го зацврстила
своето јужно крило, а земјите кои што би станале членки на НАТО,
меѓу кои и Република Македонија, би можеле уште поконструктивно
да придонесуваат во произведувањето мир и безбедност и во регионот
на југоисточна Европа.
Ние веруваме дека НАТО, со последниве настани како и со сопствената
трансформација се изградува како безбедносен систем кој може најефикасно
да одговори на новите предизвици и на сите нови закани по мирот
и безбедноста во евроатлантската област.
Република
Македонија и "Партнерство за мир"
Во својата одбранбена
стратегија, базирана врз основните принципи на националната безбедност
и основните принципи на национална одбрана, Република Македонија
се потпира врз системите на колективна безбедност и одбрана.
Затоа, Собранието на Република Македонија донесе одлука за остварување
полноправно членство во НАТО. Врз основа на таа одлука, донесена
со целосен консензус на сите парламентарни и вонпарламентарни политички
партии и со огромна подршка од граѓаните, сите структури и институции
во државата започнаа подготовки за исполнување на потребните услови
и стандарди, неопходни за пристапување кон НАТО.
Врз основа на овие едногласни заложби, Република Македонија беше
меѓу првите земји која, уште во јануари 1994 година, ја поздрави
иницијативата Партнерство за мир и ја изрази нејзината цврста желба
да и се придружи.
Се
започна во ноември 1995 година, кога Република Македонија стана
рамноправна членка на иницијативата на НАТО – Партнерство за мир.
Дури две години по промовирањето на Партнерството, Република Македонија
доби шанса да покаже дека сака и може меѓу еднаквите.
Веднаш по зачленувањето во Партнерството за мир, Република Македонија
за најкратко можно време подготви Индивидуална програма која беше
верифицирана од Северноатлантскиот совет за соработка и од Политичкиот
комитет на НАТО во март 1996 година со високо почитување како придонес
кон стабилноста и безбедноста на регионот и потврдување на улогата
на Република Македонија како значаен фактор во тој поглед.
Оттука, се создадоа услови за најактивно учество на Република Македонија
во сите заеднички активности на Партнерството и на НАТО.
Во март 1996 година Република Македонија беше примена како рамноправен
член на Северноатлантскиот совет за соработка.
Во меѓувреме, беше обучена единица на ниво на баталјон составена
од професионални војници и со опрема целосно компатибилна со стандардите
на НАТО, која, преку сите нејзини активности, достигна високо ниво
на интероперабилност.
Истовремено, Македонија започна да испраќа свои делегации на конференциите
во Брисел и да учествува на вежбите, организирани во рамките на
Партнерството за мир.
Во мај 1996, започна Дијалогот меѓу Македонија и НАТО по студијата
за проширувањето на НАТО, на чии сесии беа презентирани и елаборирани
погледите на Македонија и нејзините можности за придонес во зајакнувањето
и проширувањето на европската безбедност. Со ова, Република Македонија
и дефинитивно влезе во кандидатура за полноправно членство во Алијансата,
заедно со уште 11 централно и источно европски земји.
Во јуни 1996, со размена на дипломатски ноти меѓу Владите на Република
Македонија и Соединетите Американски Држави беше потпишан СОФА договорот,
кој го регулира статусот на силите меѓу земјите членки на Алијансата
и Партнерството за мир, а истиот месец беше ратификуван и од страна
на македонскиот Парламент.
Македонија од јули 1996 година, има и свои постојани претставници
во НАТО, во својство на воени офицери за врски (во Брисел и во Штабот
во Монс).
Од јануари 1997, Македонија стана членка и на Процесот за анализа
и планирање на НАТО – ПАРП, со што го подигна нивото на соработка
со Партнерите од Алијансата, и со што Македонија се вброи во најсериозните
кандидати за членство во НАТО.
|