Република Македонија е цврсто определена да ја исполни својата стратегиска определба да стане дел од НАТО и Европската унија и тоа е цел од која не отстапуваме, рече министерот за одбрана Зоран Коњановски на денешното обраќање пред питомците на Воената академија на трибината „Придонес на Република Македонија кон глобалната безбедност и светскиот мир“. - Достигнувања во делот на одбраната, највидливи преку огромниот продонес на нашата земја кон мировните операции во светот, потврдуваат дека Макеоднија успеа да прерасне во рамноправен кредибилен партнер на НАТО и ЕУ, истакна Коњановски. Македонија, како што посочи, придонесува кон глобалната безбедност и светскиот мир преку учеството во мисии предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите нации, со околу три отсто од копнените сили. Амбасадорката на Кралството Холандија во Скопје, Симоне Филипини смета дека доколку во индина Македонија во мисиите ќе треба да учествува со опрема, ќе и требаат и повеќе финансии наменети за тоа. - Ова се тешки времиња и сите НАТО членки размислуваат како да се прераспредели буџетот во одбрната. Македонија која сеуште ги имплементира реформите има уште потешка ситуација бидејќи треба во склоп на тие реформи да набавува и опрема и тоа претставува дополнителен товар во однос на финансиите. Затоа треба да постои еден долгорочен план за развој на одбраната во кој ќе бидат вклучени и планови за набавка на опрема, рече Филипини. Во моментот, според неа, најважен придонес Македонија дава со обезбедување на персонал за мисиите.- Доколку во иднина се установи дека треба да придонесува и со опрема тогаш работите ќе станат покомплицирани бидејќи со сите промени на безбедносните предизвици во наредниот период таква потреба ќе биде наметната за сите НАТО членки па и за РМ, додаде Филипини. Министерот Коњановски истакна дека поради светската економска криза не само во Македонија туку и во сите земји членки на НАТО е намален буџетот. - Но, можеби сега е моментот да се преслушаме ние во Министерството и во Армијата и да видиме каде можеме да заштедиме и тие заштедените пари да ги употребиме за купување опрема и за обука на припадниците на АРМ, додаде министерот за одбрана. Со најавеното зголемување на придонесот во мисијата ИСАФ во Авганистан со два дополнителни вода кои заедно со Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт ќе се вклучат во обуката и менторството на авганистансите безбедносни сили, Македонија ќе учествува со 260 мировници, односно четири проценти распореденост на армиските сили. |