konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Во Охридскиот гарнизон свеченост по повод враќањето на седмиот контингент мировници на АРМ од Авганистан

11:20 - чет., 11.02.2010

 

Во касарната „Михаило Апостолски“ во Охрид денеска се одржа свечена церемонија по повод враќањето на последниот контингент на Армијата на Република Македонија од мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Изразувајќи задоволство што сите припадници на АРМ живи и здрави се вратија дома, началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, истакна дека војниците во Авганистан се стекнаа со нови искуства што се од непроценлива вредност за подготовката на наредните контингенти.

- Уште еднаш во една реална средина, во меѓународно опкружување и мисија со мошне висок ризик, припадниците на АРМ покажаа дека се конкурентни во она што значи вештина, знаење и професионализам. Тие уште еднаш на најдобар можен начин ја афирмираа не само АРМ и се она што значи исчекор во реформските процеси, туку како амбасадори на нашата татковина ја афирмираа Република Македонија на меѓународен план, истакна генерал-полковник Стојановски.

Тој изрази очекување дека исти, па и подобри резултати ќе постигнат и мировниците на АРМ кои во моментов се наоѓаат не само во Авганистан, туку и на другите места каде РМ придонесува за подобрување на општата безбедност.

Командантот на 2-та Механизирана пешадиска бригада, полковник Методија Величковски, говорејќи со војнички речник потсети дека секоја војничка задача е успешно завршена доколку во предвиденото време луѓето и материјално-техничките средства се вратат оттаму каде што тргнале.

- Она што денеска не прави посебно горди е што по направената анализа на извршената задача и што ни ја дига самодовербата е тоа што нашите војници се вратија со повеќе од пофалби за успешно завршената мисија. Верувам дека тоа ќе го примениме во натамошниот период и ќе продолжиме да постигнуваме слични и поголеми успеси, истакна полковник Величковски.

АРМ во седмата ротација на мировната мисија ИСАФ во периодот од јули 2009 година до јануари годинава учествуваше со механизирана пешадиска чета од составот на 2. МПБР. Во тој период 149 „Леопарди“ заедно со најстариот национален претставник и тројца штабни офицери беа распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. Припадниците на АРМ изминатите шест месеци задачите ги извршуваа во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што главна задача им беше безбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Покрај ова, мировниците на АРМ во Кабул извршуваа и други сложени задачи како патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата.

За беспрекорното и професионално извршување на задачите, како и за покажаните компатибилност и интероперативност со силите на НАТО во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добија највисоки оценки.