Mинистерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Коњановски денеска ја посети општина Кичево при што оствари средба со градоначалникот Благоја Деспотоски. На средбата беа одредени локациите на кои ќе се градат становите за припадниците на АРМ, во рамките на проектот “АРМ мој вистински дом” а исто така беше договорено и општината Кичево да го ослободи министерството за одбрана од комуналните давачки. Министерот Коњановски денес во Кичево информираше и за просторот од касарната кој министерството за одбрана ќе го стави во функција на развојот на општината а при тоа беше најавена и реконструкцијата на кичевската касарна. - За околку два месеци ќе почнеме со регулирање на објектите во гарнизонот во касарната затоа што сметаме дека тука долго време не е вложено. Околку 60 милиони денари се планирани за реновирање на објектите тука во гарнизонот и мислам дека припадниците на Армијата од 1 јули или најдоца до 1 август годинава ќе имаат прекрасни услови, рече Коњановски. Градоначалникот на општина Кичево, Благоја Деспотоски изјави дека локалната самоуправа ќе се погрижи цената на тие станови да биде многу пониска од цената на становите во Скопје или во другите градови. - Кичево како град добива многу повеќе затоа што добиваме атрактивно градежно земјиште од неколку хектари и неколку објекти кое ни ги остстапува Армијата во центарот на градот, изјави Деспотоски изразувајќи благодарност до министерот Коњановски и до Владата. Во рамките на посетата министерот Коњановски во придружба на градоначалникот, пратеникот од Кичево како и претставниците од Генералштабот на АРМ ја посетија и касарната „Чеде Филипоски – Даме“, каде беа разгледани површините за изградба, реконструкција и отстапување во функција на општината. |