konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Координативното тело за заштита од поплави одржа состанок со претставници на локалната власт на Охрид и Струга

10:42 - сре., 10.03.2010

 

Координативното тело на Владата за превенција на последици од природни непогоди, предводено од министрите за транспорт и врски и за одбрана, Миле Јанакиески и Зоран Коњаноски, денеска во Охрид одржа состанок со претставници на локалните власти на општините Охрид и Струга и на службите вклучени во заштитата на крајбрежјето на кој беа разгледувани активностите што се преземаат во насока на справување со последиците од високиот водостој на Охридското Езеро и реките од езерското сливно подрачје.

Заштита на цевководот на Колекторскиот систем долж крајбрежјето, некои од пумпните станици на системот, расчистување на коритата на реките што се влеваат во езерото, активности за пренасочување на дел од течението на реката Сатеска во старото корито, како и поставување заштитни насипи на точките што се оценети како критични, се дел од превентивните мерки што ќе се преземаат наредните неколку дена, во насока на заштита од евентуални влошувања на хидролошката состојба.

Министерот Јанакиески по средбата изјави дека целта на состанокот е да се направи подобра координација со локалните тимови за заштита и спасување и Дирекција за заштита и спасување и да се види какви се состојбите на терен настанати со последните врнежи од снег.

- На оваа средба се разговараше за превентивните мерки за наредниот период, како што се чистењето на коритата на локалните реки, се со цел да се превенира од евентуални поплави. Ситуацијата секојдневно се следи, се надгледуваат состојбите со акумулациите. Координативното тело одржува редовни состаноци, преземаме мерки во зависност од информациите што ги добиваме од релеватните институции, а јавноста благовремено ќе биде информирана за сите активности и мерки, истакна Јанакиески.

Во врска со информациите за евентуално пренасочување на текот на реката Сатеска, Јанакиевски рече дека ситуацијата засега е стабилна.

- Заедно со министерот Коњановски и експерти денеска ќе одиме на лице место за да видиме каква е ситуацијата. Ќе се направат дополнителни проценки и ќе видиме што понатаму ќе се презема. Независно ситиацијата, и да не треба да се испушта повеќе вода, добро е речното корито да се исчисти, појасни Јанакиески.

Министерот додаде дека Владата и Координативното тело ќе ги преземе и сработи сите мерки што биле побарани од претставниците на локалните самоуправи се со цел да се спречат какви било штети на населените места или на земјоделските површини.

Министерот Коњановски рече дека позитивно од ваквите средби е што на нив локалните власти упатуваат на приоритетните места на кои треба да се реагира, се со цел справување со ситуацијата настаната поради обилните врнежи.

- Договорено е во текот на наредните неколку дена да се чисти потегот на Далјанска река, интервенто да делуваме на Коселска река, на каналот во Струга што се наоѓа покрај магистралниот пат и се влева во реката Црн Дрим. Ќе продолжиме и понатаму да делуваме, преку ваква комуникација со локалните самоуправи, рече Коњановски, додавајќи дека со надзор на претставници на МЈП „Проаква“ ќе се работи и на заштита на колекторскиот систем, на пумпните станици кај Елешец и Пештани, како и заштита на цевководот на потегот Пештани – Метропол.

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, соопшти дека последните информации се оти во моментот на испустот на Црн Дрим кај Струга се излеваат 62 метри кубни вода во секунда, со очекување дека по преземените мерки за расчистување на коритото на Мали Дрим, ќе може во Дрим да се испушта уште повеќе вода. Исто така и со пренасочување на дел од течението на Сатеска по старото корито, автоматски ќе значи можност за повеќе испуштање вода од езерото во Дрим.

На состанокот не присуствуваше градоначалникот на Охрид Александар Петрески, кој е на службено патување во Австралија.

Министрите Јанакиески и Коњановски заедно со претставници на Координативното тело по состанокот ги посетија критичните места на Охридско-струшкото крајбрежје.

Ннивото на Охридското Езеро денеска е на котата 694 или 25 сантиметри над горната утврдена граница. Хидролошката ситуација и натаму е сложена, со оглед на врнежите од снег што го зафатија регионот, како и најавите за врнежи и во текот на наредниот период

Галерија