Денес (31.01.2010 година) на скијачките терени во Крушево, на патеката кај Кипрово се одржа седмиот куп на АРМ во Биатлон. На купот покрај екипите на АРМ учествуваа и екипи од Скијачката Федерација на Македонија и скијачкиот клуб ,,Мусица“ од Крушево. Победник на годенешниот куп на АРМ во Биатлон е професионалниот војник (пфв) Ѓорѓи Ицоски од 2. механизирана пешадиска бригада (мпбр) на АРМ, со време 26.54, второто место го освои пфв Дарко Дамјановски од 2. мпбр со време 28.20, а третото место го освои Дејан Стојаноски од скијачкиот клуб ,,Мусица“ со време 31.04. Инаку, вчера на програмата беше патролно трчање на 7,5 км во екипна конкуренција, каде првото место го освои екипата на скијачкиот клуб ,,Мусица“ од Крушево, второто место екипата на Скијачката Федерација на Македонија, третото место екипата на 2.мпбр, а четврто време имаше екипата на полкот за специјални операции на АРМ. Како што и се очекуваше и на ова натпреварување, двајцата првопласирани на годинешниот Биатлон на АРМ ги потврдија нивните олимписки норми. На денешните натпревари на патеката кај Кипрово присуствуваше и градоначалникот на општина Крушево г-дин Василчо Дамчески, командантот на 2.мпбр полковник Методија Величковски, спортски работници од Скијачката Федерација на Македонија и други гости. Оваа спортска манифестација која АРМ ја организира веќе прерасна во традиција и покрај негувањето на спортскиот дух кај младите, таа има за цел да го афирмира Биатлонот како спортска дисциплина во нордиското скијање, но и како војничка дисциплина која е прифатена и во АРМ, која има исклучително важна улога во јакнењето на борбената готовност. |