Во врска со објавувањето на прилози и текстови во електронските и печатените медиуми во Република Македонија кои се однесуваат на барањата на професионалните војници (ПФВ) на АРМ за решавање на нивниот статус во Армијата, ГШ на АРМ ја информира јавноста во Република Македонија дека во целост се придржува кон законските одредби со кои се регулирани правата и обврските на ПФВ. Од почетокот на професионализацијата на АРМ, статусот на ПВФ е дефиниран со Законот за служба во АРМ, како и со други подзаконски акти со кои се регулирани нивните права и обврски, што подразбира доследно почитување и спроведување на одредбите од договорите склучени при приемот во работен однос. На сите средби и разговори кои се водеа во врска со решавањето на статусот на ПФВ, ГШ на АРМ учествуваше со свои претставници, а за текот на разговорите и предложените решенија, навремено и редовно го информираше целокупниот состав на Армијата. Без намера да ги коментираме објавените содржини во медиумите во врска со статусот на ПФВ, сакаме да укажеме на фактот дека во дел од нив препознавме обид за злоупотреба на протестот на ПФВ во политички цели. Ваквите намери би значеле и внесување на политиката во Армијата, што е за секаква осуда, без разлика на тоа од кого и во каква форма се тие искажани. Изминативе години АРМ стекна висок углед во македонското општество, благодарение на посветеноста на нејзините припадници кон извршувањето на обврските и задачите. Но, високиот рејтинг и резултатите на АРМ на домашен и меѓународен план ќе беа речиси невозможни без единството кое е присутно во нејзините редови, без разлика на чинот, должноста и националната припадност. Искрено ја цениме грижата за ПФВ и нивните барања, но укажуваме дека обидот за давање политичка димензија на протестот на ПФВ може исклучително негативно да се одрази токму врз единството на припадниците на АРМ. Решавањето на сите статусни прашања на припадниците на АРМ, во кои спаѓаат и ПФВ, сметаме дека треба да се одвива во рамките на институциите во државата, заради што за нас е неприфатливо ПФВ на АРМ своите барања да ги искажуаваат на улица. ГШ на АРМ како и досега ќе ги почитува одредбите од Законот за служба во АРМ, но и ќе бара доследна примена на сите правила и прописи кои се должни да ги применуваат сите припадници на АРМ, вклучувајќи ги и ПФВ. |