konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



С О О П Ш Т Е Н И Е

10:40 - вт., 05.01.2010

 

На 8 јануари (петок) во касарната ,,Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово, со почеток во 12.00 часот ќе се одржи свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на 2. механизирана пешадиска бригада (мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

На свеченоста по повод испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ ќе присуствуваат: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата г-дин Ѓорге Иванов, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, Заменикот на министерот за одбрана г-дин Емил Димитриев, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Зоран Димов, Командантот на 2.мпбр полковник Методија Величковски, претставници на локалната самоуправа од градот Тетово, роднините на припадниците од контингентот и други гости.

Во осмата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 149 припадници на 2. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник и двајца штабни офицери ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. АРМ во најголемата мисија на НАТО во Авганистан учеството со механизирана пешадиска чета го започна во jуни 2006 година кога во првата четна ротација беа упатени припадници од 1.мпбр, а подоцна во наредните ротации мисијата наизменично ја извршуваа со нивните колеги од 2.мпбр.

Искусните ,,Леопарди“ од 2.мпбр во наредните шест месеци задачите ќе ги извршуваат во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Покрај ова, мировниците на АРМ во Кабул ќе извршуваат и сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата.

За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.

Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот. Заради запазување на процедурите за влез во касарната ,,Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово, пристигнувањето пред пријавницата на касарната, треба да биде најдоцна до 11.30 часот.

Галерија