Почитувани новинари, Координативното тело на Владата на Република Македонија за справување со последиците од поплавите утрово одржа состанок на кој претставниците од тимовите реферираа за состојбата на теренот во текот на вчерашниот ден на местата кои беа посетени и за потребата од идни активности кои се во насока на засилена опсервација, следење, анализа и интервентно реагирање на состојбите. Во тој правец е договорено да се продолжат во текот на денешниот ден активностите за поставување на камен насип во Пештани, на патниот правец кон Република Албанија, а истовремено да се продолжи и со формирање на насипи од вреќи со песок и земја во делот на крајбрежниот појас на Охридското езеро кај Калишта и Радожда, како превенција од ерозија на земјиштето поради зголемениот водостој. Координативното тело на Владата на Република Македонија одлучи, доколку биде потребно, насипи со вреќи и песок да се поставуваат и на други локации. На состанокот беше заклучено Министерството за транспорт и врски да се координира со Локалната самоуправа, околу евентуална превенција на дел од колекторскиот систем во Охрид. Во реонот на Пелагонија, на делот од каналскиот систем кој беше оштетен извршена е интервенција, со цел каналот да ја има својата функција на заштита. На состанокот на Координативното тело беше констатирано будно да се следи состојбата на патниот правец Маврово – Дебар. Во таа насока а поради можноста од одрони и лизгање на замјиштето, апелираме дека е потребна претпазливост од сите кои се движат по овој патен правец. Во подрачјето на Тетово и Гостивар и понатаму се санираат речните корита, каде поради смет беше оневозможем нормален проток на водите. Во овој реон се завршени активностите за поставување на насипи од вреќи со песок во селото Мало Турчане. Во ова село е саниран и патот до каналот. На денешниот состанок беше разгледана и состојбата на патниот правец Битола – Ресен. Екипите на Македонија Пат работат на санација на патот. Според информациите од ЈП “Македонија Пат” и МВР, сообраќајот на овој патен правец се пренасочува по регионалниот пат Р106. Пренасочувањето е во должина од 5,5 км. На овој патен правец сообраќајот се одвива нормално и без никакви застои. Координативното тело ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот и денешниот ден до 12 часот на локациите каде што се одвиваат превентивните активности беа поставени насипи со вреќи од песок, за што се поставени повеќе од 13 илјади вреќи. Во изминативе два дена се ангажирани повеќе од 300 лица, кои активно се вклучени во превентивните мерки и активности. Бројот на ангажираните лица се дефинира во согласност со предвидените активности и состојбата на терен. Станува збор за екипи од ДЗС, АРМ, Македонија Пат како и од останатите институции кои партиципираат во Кординативното тело на Владата. Во текот на денешниот ден тимовите од Координативното тело се повторно на терен. Според дефинираната агенда тимот предводен од министерот Коњановски е во дебарско, тимот предводен од министерот Димовски е во Охрид и Струга, тимот предводен од заменик министер за транспорт и врски е во полошко, тимот предводен од директорот на ДЗС е на патниот правец Дебар Струга кај Луково и тим предводен од директорот на Управата за водостопанство Методија Томоски е во реонот на Пелагонија. Координативното тело и денес ги информира граѓаните за бесплатната телефонска линија 195, на која можат да пријават било каков случај на излевање на водостоите во РМ, појави на одрони и слични природни непогоди. Ви благодарам на вниманието. |