konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Одбележана двегодишнината од хеликоптерската несреќа кај Блаце

16:41 - вт., 12.01.2010

 

Високи делегации од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ, како и членови на семејствата денеска пред Здружената оперативна команда и Воздухопловниот ВИНГ на АРМ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и на местото на хеликоптерската несреќата кај катлановско Блаце, положија цвеќе на спомен обележјето на 11. припадници на Армијата на Република Македонија кои го загубија животот при нивното враќање од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина

На чествувањата во спомен на загинатите мировници во трагичната хеликоптерска несреќа, покрај семејствата, присуствуваа министерот за одбрана Зоран Коњановски, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, командантот на Здружената оперативна команда генерал-мајор Зоран Димов, како и градоначалникот на општина Петровец.

- Дојдовме да оддадеме достојна почит на хероите, нашите мировници кои беа на мисија во БиХ, дојдоа во татковината, се вратија во Република Македонија, но никогаш не ги пречекорија праговите на нивните домови, рече министерот Коњановски. Тој нагласи дека МО и АРМ и понатаму ќе прават се што е во нивна надлежност вистината да излезе на површина и да се дознаат причините за хеликотперската несреќа. Коњановски подвлече дека ќе се продолжи и со помошта за семејствата на загинатите македонски мировници и во таа насока ќе се настојува да се изгради споменик во центарот на Скопје и покрај веќе постоечките во кругот на МО.

Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на денешен ден пред две години полетаа со хеликоптерот околу 9 часот и 30 минути од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.

Семејствата на загинатите мировници и по две години се уште ги бараат причините за несреќата. Побараа странски експерти да ја водат истрагата, обвинувајќи за серија пропусти направени од домашните истражни органи.

За испитување на причините за несреќата Владата формира посебна Комисија со која претседаваше заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров, а членуваа и Јордан Размоски началник при Министерството за внатрешни работи и Никола Прокопенко од Министерството за правда. Комисијата требаше во најкус можен рок да поднесе и детален и финален извештај пред Владата. Државната комисија во извештајот наведе пет причини кои придонеле за несреќата - неповолни временски услови, непочитување на процедурите, неисправност на инструменти во хеликоптерот, пропусти во обуката на пилотите за интреументално летање и недисциплинираност на екупажот. Обвинителството минатата година оцени дека извештајот на државната комисија бил проблематичен и затоа побарало странска експертиза.

Државниот протокол и АРМ беа задолжени да ги преземат сите неопходни мерки за згрижување на семејствата и за организација на погребот со сите воени почести. Покрај осигурувањето и 12-те плати кои им следуваат согласно законот, Владата одлучи на семејствата да им додели и еднократна парична помош во износ од 24 просечни плати.

Во хеликоптерска несреќа кај Катланово животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

Хеликоптерот „МИ 17“ со кој 11-те мировници тргнаа во последниот нивни лет, е од руско производство, наменет за транспорт на луѓе и товар, за воздушни десанти и за огнена поддршка. Има тричлен екипаж - двајца пилоти и авиоменаничар. МОже да превезува 32 патника или товар до четири тони. МОже да има разновидна техничка опрема ид а биде вооружан со ракетни лансери, бомби и митралези. МИ - 17 и неговата постара верзија МИ-8 во повеќе од 50 држави во светот, најчесто се користат за воени, но и за цивилни потреби.

Галерија