Пет тимови на Координативното тело за превенција од природните непогоди секојдневно ќе бидат на терен и ќе преземаат превентивни мерки во насока на спречување на евентуални поплави, како и активности во насока на отстранување на последиците од неповолната хидролошка ситуација, соопшти денеска во Охрид министерот за одбрана Зоран Коњановски. - Едниот тим ќе го предводам јас, другите четири ги предводат министерот за земјоделство Љупчо Димоски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, директорот на Центарот за управување со кризи Панде Лазаровски, како и на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу. Секој ден ќе бидеме на различна локација се додека има потреба да ги координираме активностите, истакна Коњановски. Тој додаде дека Владата ги има ангажирано сите институции за справување со последиците од невремето и најави дека таквите активности ќе бидат спроведувани се додека е потребно, односно се додека постои опасност од непревидливи ситуации. Според министерот Коњановски, поставувањето насипи долж Кејот на Охрид се спроведува по препорака на стручни лица од Министерството за земјоделство, хидроинженери од Уравата за управување со води, како и од професори на Градежниот факултет, чија проценка е дека тој дел од градот е најзагрозен односно дека на тие локации треба да се постават вреќи со песок за да се спречи излевање на водата од езерото. Министерот Коњановски најави дека по преземањето на превентивните мерки што се во тек во Охрид, Струга и Пештани, ќе се работи и на заштита на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Членови на Координативното тело ќе останат во Охрид додека има потреба, за во консултација со локалните власти заеднички да се помогне во справувањето со последиците од невремето. Нивото на водата во Охридското Езеро веќе неколку дена е непроменето, односно водостојот изнесува 23 сантиметри над максималната дозволена граница. Според прогнозите од Управата за хидрометеоролошки работи, во следниот период ќе настапи променливо облачно време, со очекувања за обилни дождови во западниот дел на Македонија. Најавите говорат дека во петок и сабота ќе дојде до намалување на температурите, а можни се и врнежи од снег и дожд, додека за в недела се најавуваат повторно обилни врнежи од дожд. |