Министерот за одбрана, Зоран Коњановски од денес, 04.02.2010 година (четврток) престојува во Истанбул, Република Турција, каде утре ќе присуствува на неформалниот состанок на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и на државите кои не се дел од Алијансата, но кои даваат свој придонес кон Меѓународната мисија за поддршка на мирот во Авганистан - ИСАФ. Состанокот претставува редовна координација на активностите на меѓународната заедница за достигнување на безбеден, просперитетен и самоодржлив Авганистан. Средбата на министрите ќе биде фокусирана на напредокот во достигнувањето на соодветни услови за предавање на одговорноста за безбедност на Авганистан, на авганистанските власти, како и остварениот напредок во имплементирањето на почетната проценка на командантот на ИСАФ, генерал Стенли Мек Кристал. Министерот Зоран Коњановски на маргините на состанокот ќе оствари и одделни средби со министри за одбрана, како од земји-членки на НАТО, така и од држави кои придонесуваат во ИСАФ. |