Министерот за одбрана Зоран Коњановски, на денешната средба со припадниците на Армијата на Република Македонија, Дарко Дамјановски и Ѓорѓи Ицоски, кои исполнија олимписка норма за учество на ЗОИ во Ванкувер им додели пофалници и плакети во знак на сеќавање за постигнатиот успех. - Сон и врв на секој спортист во кариерата е да биде дел од големото олимписко дружење. Затоа од име на вработените во Министерството им честитам за успехот на припадниците кој значи многу за Македонија, рече министерот Коњановски. Дарко Дамјановски истакна дека деновиве привршуваат подготовките за учество на Зимските олимписки игри во Ванкувер, Канада, кои ќе се одржат од 12 до 28 февруари. - Ќе учествувам на 15 километри нордиско скиање кое ќе се одржи на 15 февруари и очекуваме добри резултати бидејќи оваа година работевме и трениравме напорно. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло, додаде Дамјановски. Ѓорѓи Ицоски, истакна дека за првпат во историјата на зимските спортови во Македонија се исполенти олимписките норми за учество на Зимските олипмиски игри. Дарко Дамјановски досега има освоено повеќе признанија за постигнати резултати, а тука е и првото место на Мавровскиот ФИС-уп во 2007 година и двете втори места на Европскиот куп во биатлон. Ѓорѓи Ицоски има освоено трето место на Европското првенство во биатлон, како и првото место на Балканот во нордиско трчање. На самиот крај на отслужувањето на воениот рок во 2009 година го освои првото место на Меѓународниот армиски куп во Маврово. На средбата министерот истакна дека Министерството за одбрана и во иднина ќе продолжи да работи на овозможување на одлични услови за припаниците на АРМ кои се спортисти. Во таа насока министерот Коњановски ја истакна и идејата за формирање на регионален тренинг центар за зимски спортови на Попова Шапка. |