konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Министерот Коњановски ја посети општина Тетово Во Тетовската касарна ќе се градат 146 стана во рамки на проектот „АРМ мој вистински дом“

16:12 - сре., 24.02.2010

 

На дел од тетовската касарна „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе се изградат 146 стана во рамки на проектот „АРМ мој вистински дом“, истакна министерот за одбрана Зоран Коњановски по средбата со градоначалникот Сади Беџети.

Дел од површината на касарната, на која е предвидено да се изградат становите, ќе и се отстапи на локалната самоуправа која треба да го урбанизира просторот и да изготви детален урбанистички план.

- Во првата фаза од работите ќе треба да се урбанизира просторот, а потоа ќе следи изготвувањето на проектната документација која треба да заврши до јули. Очекувам на крајот од октомври или почетокот на ноември годинава, ако се се одвива според планираното, да почне изградбата. Ќе побараме градежната компанија да ги изгради за 16 до 18 месеци или до средината на 2012 година становите да бидат вселиви, рече Коњановски.

Тој заедно со Беџети по средбата во локалната самоуправа ја посетија касарната и местото каде е предвидено да се изградат становите.

- Позитивно одговоривме на барањето, ние сме подготвени секогаш да ја помогнеме армијата. Побаравме дел од земјиштето да и биде отстапено на општината, а подоцна ќе ги информираме граѓаните што планираме да изградиме тука, но сепак ќе биде нешто во општ интерес на граѓаните, рече Беџети.

Министерот најави дека спроведената анкета меѓу припадниците на АРМ покажала дека има потреба да се градат околу 4.000 стана кои ќе им бидат продавани по поволна цена.

Галерија