konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Министерот Коњановски во Истанбул: Македонија останува целосно посветена на стратешката цел – влез во НАТО и ЕУ

15:03 - пет., 05.02.2010

Република Македонија останува целосно посветена на нејзината стратешка цел, влез во НАТО и Европската унија, a оттаму и кон одржувањето на нејзиниот целосен капацитет за споделување на товарот со Алијансата согласно нејзините приоритети, изјави македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски во обраќањето на неформалниот состанок во Истанбул на министрите за одбрана на земјите од НАТО и на државите кои не се членки на Алијансата, но придонесуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Коњановски нагласи дека Македонија ќе го зајакне својот придонес во ИСАФ, што беше најавено претходно и потврдено на Конференцијата за Авганистан во Лондон.

Македонија од април оваа година ќе го зголеми придонесот во Авганистан за 50 проценти и како што најави Коњановски директно ќе придонесува кон транзицијата на безбедносната одговорност. Македонските мировници заедно во американската Националната гарада на Вермонт ќе бидат ангажирани во обуката и менторството на авганистанските безбедносни сили.

- Сакам да истакнам дека со ова зајакнување, македонскиот придонес кон Авганистан во кој и натаму ќе биде вклучена македонската чета за обезбедување на Командата на ИСАФ во Кабул, нашите офицери во Оперативно менторските тимови за врски и нашиот медицински персонал во рамките на Здружениот македонско-норвешки медицински хируршки тим во норвешкиот провинциски тим за реконструкција во Мејмана, ќе го достигне значајното ниво на придонес од четири проценти распоредени копнени сили од АРМ, истакна Коњановски.

Во меѓувреме, како што додаде, Македонија останува посветена на регионалната соработка, менторството и стабилноста. Тој укажа дека македонските национални центри, кои се специјално наменети за обука на сили пред упатување во мисии, им стојат на располагање на земјите од регионот и на сите НАТО партнери. Во тој контекст Коњановски ги спомена полигонот за обука Криволак и медицинскиот центар за обука пред распоредување.

- 2010 година ќе биде важна година за Авганистан нашите денешни разговори на извесен начин ќе го постават патот во натамошните месеци. Се надевам дека 2010 ќе биде важна година и за Република Македонија. Година, во која навистина се надеваме дека ќе го добиеме местото кое вистински го заслужуваме во Алијансата на рамноправните, за да бидеме поспособни да испорачаме уште повеќе стабилност, безбедност и мир во нашиот регион и на светот во целина, нагласи Коњановски.

Неформалниот состанок во Истанбул го отвори генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, кој посочи дека по тешкотиите во 2009 година, оваа година е мошне важна и одлучувачка за Авганистан.

Тој потсети дека 36 земји, кои имаат свои мировници во ИСАФ, понудиле засилување во мисијата.

- Десетици илјади дополнителни сили во моментов се распоредени во Авганистан. Безбедностите сили бележат зголемување на бројноста и јакнење на кацитетот. Тренинг мисијата на НАТО во Авганистан работи со полна пареа. Пренесувањето на грижата за безбедноста на авганистанските власти ќе почне оваа година. Нема сомневање дека 2010 ќе биде година на предизвици, нагласи Расмусен.

Генералниот секретар на Алијансата изрази задоволство поради тоа што во синоќешната дискусија министрите постигнале согласност за пакет мерки со кои мировниците од НАТО ќе ја добијат потребната поддршка на терен и со кои ќе се спроведат останатите потребни стратешки инвестиции.

Авганистан е централна тема на неформалниот состанок во Истанбул, но министрите се осврнаа и на ситуација на Косово.

- Изминатите 12 месеци забележавма значителен прогрес на терен. КФОР веќе е редуциран на десет илјади војници и е реструктуиран во пофлексибилна формација, нагласи Расмусен.

Тој изрази уверување дека КФОР ќе остане целосно способен во остварувањето на неговата задача за одржување на безбедноста на Косово.

На неформалниот состанок учествуваат министри за одбрана од 44 држави, кои придонесуваат во ИСАФ, а меѓу нив и американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс.