Утре (18-ти февруари) во Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) со почеток во 11.00 часот, ќе се одржи церемонија по повод свечено примопредавање на донација на реконструираниот дел од Центарот за медицинска обука кој е дел од формациската структура на ВМЦ. Донацијата за Центарот за медицинска обука, претставува инвестиција со финансиски средства во вкупна вредност од околу 85. 000 евра која ќе биде врачени од три земји: Кралството Норвешка, Кралството Холандија и Швајцарската Конфедерација. Висината на финансиските средства од страна на Кралствата Норвешка и Холандија изнесува 30.000 евра, додека Швајцарската Конфедерација ќе учествува со околу 55. 000 евра. Помошта за развој на Центарот за медицинска обука со финансиски средства од страна на овие три земји претставува потврда на одличната соработка со нив и пред се нивна поддршка кон напорите кои МО и АРМ ги вложуваат во јакнењето на капацитетите за општа медицинска обука и стручна обука од овој вид пред упатување во мисија. Центарот за медицинска обука е воспоставен во 2000 година во рамките на Воената Болница како центар за медицинска обука за потребите на АРМ и армиите во регионот, при што досега во него се обучени околу 1300 лица од кои над 300 се припадници на армиите од регионот. Досега, со материјални наставни средства овој центар интензивно го помагаа Швајцарската Конфедерација и Кралството Норвершка, а со финансиската поддршка, во која се вклучува и Кралството Холандија, ќе се создадат реални шанси Центарот за медицинска обука да прерасне во модерен регионален центар за мединска обука, за потребите на АРМ и армиите во регионот. На церемонијата за свеченото примопредавање на донацијата, утре во ВМЦ ќе присуствуваат: Министерот за одбрана г-дин Зоран Коњановски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, Н.Е. Кјетил Паулсен, Амбасадор на Кралството Норвешка во Република Македонија, Н.Е. Симоне Филипини, Амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, Н.Е. Николе Вирш, Амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија, ВД Командантот на ВМЦ полковник Андрија Наумовски и други гости. |