konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Свеченост за доделување на медал за постигнување на СЕЕБРИГ

13:23 - пет., 19.02.2010

 

Во понеделник (22-ри февруари), во Домот на АРМ во Скопје, со почеток во 13.00 часот ќе се одржи свеченост за доделување на ,,Медал за постигнување на СЕЕБРИГ“ на припадници на АРМ кои биле на служба во бригадата на Југоисточна Европа СЕЕБРИГ. Медалот на СЕЕБРИГ на единаесетте припадници на АРМ ќе им биде доделен од командантот на СЕЕБРИГ, бригадниот генерал Зибер Душку.

На свеченоста во Домот на АРМ ќе присуствуваат: Министерот за одбрана г-дин Зоран Коњановски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски, дел од персоналот на СЕЕБРИГ, семејствата на одликуваните припадници на АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ и други гости.

Инаку, свеченоста за доделување на медал се одржува во рамките на посетата на командантот на СЕЕБРИГ на АРМ, со која во наредните два дена ќе се изврши оценување на декларираните единици со кои АРМ учествува во СЕЕБРИГ. Како што е познато, бригадата на Југоисточна Европа, СЕЕБРИГ (South-Eastern Europe Brigade) е формирана во 1999 година, како резултат на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година го потпишаа: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција. По формирањето, штабот на бригадата во кој АРМ учествуваше со двајца офицери беше лоциран во Пловдив, Бугарија, а врз принципот на ротација, тој во 2003 година беше дислоциран во Констанца, Романија, а од 2007 година, задачите ги извршува во Истанбул, Турција. Покрај учеството со штабни офицери, АРМ во СЕЕБРИГ има декларирано една механизирана пешадиска чета и инженериски вод. Во дванаесетгодишното постоење на СЕЕБРИГ изведени се повеќе вежби на кои покрај декларираните единици, учествувале над 100 припадници на АРМ. Една од поважните задачи кои штабот на СЕЕБРИГ ги извршуваше е неговото распоредување во Кабул во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан, во првата половина од 2006 година. Според досегашните анализи, постоењето на бригадата на Југоисточна Европа во потполност ги исполни очекувањата на земјите од регионот, со што претставува остварување на заложбите за јакнење на добрососедските односи и соработката помеѓу земјите од регионот, како и во давањето на соодветен придонес во јакнењето на безбедноста и стабилноста во глобални рамки.

Во понеделник, пред свеченоста командантот на СЕЕБРИГ во МО и ГШ на АРМ, ќе оствари средби со Министерот за одбрана г-дин Зоран Коњановски и со НГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски.