konkurs-prv-ciklus-2010.jpg

 



Интервју со министерот за одбрана Зоран Коњановски
- МИА

Скопје, 1 ноември

Професионалните војници веќе втор ден протестираат пред Владата. Зошто не беше постигнат договор со Министерството за одбрана и нив?

Професионалните војници прифатиле да потпишат договор со Министерството за одбрана, што трае до моментот кога тие ќе наполнат 38 години. Знаејќи за таквиот момент, како министер можев да кажам дека тоа е тоа и оти законските можности се тие. Сметав дека е добро да седнеме, да разговараме и да понудиме заемно прифатлив концепт не само од морален и човечки аспект, туку и зашто, сепак, треба да внимаваме на професионалните војници бидејќи голем дел од нивните активности беа насочени кон подобрување на рејтингот на државата. Од една страна наидовме на барањата на професионалните војници кои лично сметам дека се апсурдни и ако прифатиме дел од нив нема да бидеме компатибилни со земјите - членки на НАТО. Не постои држава во светот каде што професионалните војници работат во армијата до 64 години, како професионални војници. Второ, тие бараат на 38 години да добијат пензија. Ние како држава не мислиме дека на 38 години треба да произведуваме пензионери. Напротив, свесни сме и секојдневно гледаме дека и на 55 години и на 45 години луѓето бараат работа за егзистенција. Тие се млади луѓе, полни со енергија, со научени лекции во животот.

Зошто сметате дека концептот на активна резерва е добар за професионалните војници?

Сметаме дека тоа е одлично решение и за државата и за нив. Тоа е модел што ни нуди добри резервни сили во државата кои ќе бидат подеднакво подготвени како и професионалните војници, а од друга страна на професионалните војници им нуди минимална сигурност бидејќи секој месец добиваат паушални примања од шест до седум илијади денари. Значи, во периодот кога нема повеќе да бидат професионални војници, кога ќе најдат друга професија, кога ќе се вработат некаде, кога ќе отпочнат бизнис, паралелно ќе добиваат секој месец надокнада и паушал од шест до седум илјади денари во наредните десет години, додека не наполнат 48 години. Сметавме дека овој концепт е добар за државата, за нив, и што е најважно е компатибилен со НАТО стандардите. Во сите земји членки или партнери на Алијансата, договорите со професионалните војници се или до 35 години или до 38, можеби некаде и до 40 години.

Според ова, не можете да отстапите во корист на барањата на професионалните војници?

Апсолутно, не можеме да отстапиме. За да се договориме со една страна потребна е желба. На сите средби со Координативното тело кажуваа или овие три работи или ништо. Ние направивме анализи и видовме дека не е возможно во државата да создадеме пензионери од 38 години, да им ги продолжиме договорите за работа во Министерството до 64 години. Од два аспекта, прво заради нивна безбедност бидејќи не може војник да биде на 50 години и од друга страна поради борбената готовност и одбраната на државата. Ние како Влада, и јас како министер, ако сакавме да го поттурнеме овој проблем ќе направевме измени и ќе кажевме добро, во ред, може до 41 година. Прво, не сме го решиле проблемот бидејќи ја нарушуваме безбедноста на самиот војник, а второ тој проблем ќе го наследи некоја нова влада или можеби истата влада по три или четири години. Ние се втурнавме во решавање на овој проблем и решението го гледаме во концептот на активна резерва, кој, ќе повторам, е одличен и за државата и за нив.

Пред една недела бевте во Авганистан, каде што Македонија има свои професионални војници во ИСАФ. Дали со нив разговаравте за концептот на активна резерва?

Околу два часа разговарав со професионалните војници за тоа што откако сум министер имаме направено во однос на подобрување на нивниот стандард. Ја отворив и оваа тема, која можеби ја промовирав токму во Авганистан меѓу професионалните војници. Можам да кажам дека беше одлично прифатена од сите 150 кои беа во салата и оти рекоа дека е добро решение за професионалните војници.

Што доколку не престане протестот?

Мислам дека професионалните војници ќе сфатат дека ова е разумен предлог на Министерството за одбрана и оти полека но сигурно сфаќаат дека тоа што го бараат е невозможно да го добијат. Не знам за нивната мисија, дали мислат да останат ден, два, три и четири дена пред Владата, но знам за мојата мисија која секогаш е предодредена на професионалниот војник, на мојот максимален ангажман за изнаоѓање на добри решенија.