Утре, на 27 октомври (вторник) на Денот за високи гости (ДВД), учесниците на вежбата ,,Македонски Блесок 05“ ќе изведат вежбовни активности, со кои ќе ја демонстрираат нивната борбена подготвеност и оперативна способност за извршување на мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН. Програмата започнува во 11.00 часот на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ каде ќе има краток брифинг за вежбата, а потоа на полигонот, средниот пешадиски баталјон и четата на воена полиција ќе изведат вежба со која ќе прикажат: обезбедување на база, евакуација на повредени со хеликоптер, гаѓање со оклопен транспортер „Хермелин“, рачен ракетен фрлач (РРФ) 64мм.„Зоља“, снајперска пушка, спроведување на ВИП личност и други вежбовни активности кои ќе бидат презентирани пред високите гости. Вториот дел од вежбата, ќе опфати превезување на гостите до Центарот за обука „Пепелиште“, каде ќе имаат можност да се запознаат со учесниците кои работеа во Штабот на вежбата и неговите елементи. На денот на високи гости се очекува да присуствуваат претставници од највисокото државно и воено раководство, претставници од советодавниот тим на НАТО „Бузален Хамилтон“, воените аташеа акредитирани во Република Македонија, како и претставници на локалната самоуправа и други гости. Вежбата ,,Македонски Блесок 05“ која во изминативе десетина дена се изведуваше во касарните „Илинден“ во Скопје и „Јане Сандански“ во Штип, Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ и армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ е најголема и најсложена вежба на АРМ, а на неа согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, оценувачкиот тим на АРМ под мониторинг на стручен тим на Алијансата, изврши самооценување НИВО 2 – CREVAL (Combat readiness evaluation) на средниот пешадиски баталјон и четата на воена полиција, кои се декларирани единици за распоредување во мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН. Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери, да присуствуваат и да известуваат за настанот. За таа прилика ГШ на АРМ на 27 октомври обезбеди организиран превоз со поаѓање во 09.00 часот, пред зградата на МО и ГШ на АРМ. Лице за контакт, Елизабета Ташковска, тел: 071 335-927 ; 02 3282360 |