 | Генерал-мајорот Насер Сејдини е роден 29.10.1957 година во село Лакавица, Гостивар, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Гостивар. Во 1980 година дипломирал како морнарички офицер на Морнаричката Воена Академија во Сплит. Во 1995 година ја завршува Командно-Штабната Школа во Воената Академија ,,Михаило Апостолски“ во Скопје, а највисокото ниво на воено образование го заокружува со дипломирање на Школата за Национална Одбрана во Истамбул, Република Турција, во 2004 година. Својата богата офицерска кариера ја започнал во 1980 година, како командир на вод, а позначајни должности кои ги извршувал се: командир на чета, командант на граничен баталјон, началник на Г-5 секцијата во ГШ на АРМ, командант на Командата за обука и командант на 1. механизирана пешадиска бригада и Заменик на командант на Здружената оперативна команда. Должноста Заменик на Началникот на ГШ на АРМ, ја извршува од 1 август 2008 година. Генералот Сејдини извршувајќи командни долности во АРМ со својата работа и несебично залагање е познат кај припадниците на АРМ како исклучителен лидер, градител на одлични меѓучовечки односи и офицер чија кариера е изградена на заедничкиот успех во единиците со кои командувал. Во клучните години за АРМ, со својот личен ангажман даде голем придонес во нејзината трансформација и достигнувањето на стандардите на НАТО. Тој тоа најдобро го правеше постигнувајќи забележителни успеси со единиците со кои командуваше, како на домашен, така и на меѓународен план. Генералот Сејдини е оженет и е татко на две деца. Неговиот омилен спорт секогаш бил фудбалот, кој е и негово хоби. |