СПИСАНИЕ


 



 




Мисија и задачи на Воената Болница


Зачувувањето на здравјето, како едно од темелните човекови потреби, е на врвот на државниот интерес на секоја земја. Без оглед на општественото уредување, сите држави превземаат обврска да осигураат задоволување на основните потреби во заштитата на здравјето. Од тие причини, никаде во светот здравството не е автономен саморегулирачки систем. Тоа е потсостав на глобалниот општествен систем чија структура, и организација, (во начело) ги одредува цел низ екстерни фактори, меѓу кои како најбитни се посочуваат: економската структура и економскиот потенцијал на заедницата, здравствената состојба и здравствените проблеми на заедницата, традицијата, културата, меѓународната здравствена политика и тн.
Воените дејства, елементарните непогоди и масовните несреќи од секогаш претставувале голема опасност за човештвото, а последиците, без исклучок, секогаш биле катастрофални. Од таму и произлегува потребата за постојана подготвеност на општеството, со организирање и ставање во функција на посебни здравствени институции и субјекти, со цел превентивно да се дејствува во смисла на времено справување или одолевање на тие закани, но и во смисла на намалување на неизбежните последици. Големите проблеми кои настануваат во евентуална војна и воопшто при масовни несреќи, укажуваат на значењето кое го има спасувањето на човечките животи, згрижувањето на заболените и повредените како и спроведувањето на принципите на превентивно медицинската заштита.
Во таа смисла и вооружените сили на секоја земја, како составен елемент на глобалниот општествен систем, во извршувањето на своите задачи, имаат основна обврска и потреба за здравствено згрижување, како фундамент за зачувување на здравјето на припадниците на вооружените сили и обезбедување висока борбена готовност. Морална обврска на државата и во тие рамки и на Армијата, е да обезбеди и развие специфичен и посебен систем на здравствена заштита на припадниците на вооружените сили во исто време интегриран во здравствениот систем на земјата.
Столб на системот за здравствено згрижување на припадниците на Вооружените сили на Република Македонија е Воената болница, како најстручна воено здравствена установа, која врши струен надзор на работата во Воените амбуланти во гарнизоните.
Со акт на Претседателот на Република Македонија од 10.04.1992 година, Воената болница продолжува да работи како Воена болница Скопје, по мирновремена формација. Од 02.06.1992 година, формиран е Центарот на Воено здравствени установи во чиј состав влегоа Воената болница, Заводот за превентивно медицинска заштита, Воената амбуланта и Воената аптека. Со Указ на Претседателот на Република Македонија од 26.10.2001 година, Центарот на воено здравствени установи се преименува во Воена болница.
Воената болница претставува единствена здравствена установа во Република Македонија во која на едно место се сконцентрирани најзначајните гранки во медицината, што овозможуваат ефикасно функционирање и во најсложени услови. Организациската поставеност и воената субординација даваат можност за брзо реагирање и згрижување голем број повредени и заболени во кус временски период.
Воената болница е најголема здравствена установа за болничко лекување на ниво на секундарна здравствена заштита во Скопје.
Постоењето на Воената болница е факт кој во себе содржи и историска, но и научно-истражувачка и практична компонента. Таа е со свои корени и 60 годишна традиција во здравствениот систем на Македонија, а атрибутот “воена” во името на овој здравствен капацитет укажува дека се работи за врвна институција во која припадниците на вооружените сили остваруваат една од темелните човекови потреби - здравствената заштита. Мора да се нагласи дека непосредното лекување на заболените и повредените припадници на АРМ е само еден сегмент од многу комплексната функција што ја има оваа институција. Воената болница е интегрирана, мултифункционална и мулти-дисциплинарна здравствена установа. Од тој аспект, Воената болница е синоним за добро организирана, високо - стручна здравствена установа, значајна компонента на здравствениот систем во Република Македонија. Заради тоа, потребата од Воената болница е прикажана и во Акциониот план на Република Македонија за членство во НАТО. Од друга страна, Воената болница е влезена и во проектот за сателитско поврзување на воените болници од регионот на Југоисточна Европа (Воените болници од Македонија, Албанија, Грција, Турција, Бугарија и Романија со Воената болница во Балтимор, Мериленд, УСА) чија реализација е во тек.
Со оглед на специфичностите на воениот позив и на организацијата на животот и работата на вооружените сили, ниедна друга здравствена организација во земјата не може во потполност успешно да ги извршува задачите и обврските кон вооружените сили на Република Македонија, бидејќи тие се специфични и покрај стручност, бараат и организациони и воени искуства и знаења, а од друга страна, наметнуваат и одредени нормативи и стандарди во превентивно-медицинските активности и во лекувањето, содржани во воено - медицинската доктрина.
Ова се потврди во времето на безбедносната криза кога Воената болница беше носител на здравственото згрижување на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија. Во овој период на хируршките одделенија беа згрижени 414 повредени и заболени, на Одделенијата за внатрешни болести 168, на Невропсихијатриските одделенија 276 и на Одделението за заразни болести 28 заболени припадници на безбедносните сили, со што дојде до израз специфичноста на овој здравствен капацитет во згрижувањето на припадниците на Армијата во посебни околности, како што се вооружени конфликти.

Лекувањето на цивилни лица во воените болници е пракса во државите членки на НАТО и е во постојан пораст во многу држави во светот (САД, Германија, Франција, Англија, Бугарија, Холандија, Грција, Турција и др.). Оваа определба е поради фактот дека војничката патологија е ограничена и нема можност лекарите и другиот медицински персонал да стекнуваат солидно искуство, а последица на тоа би било стагнирање во струката и неподготвеност да се одговори на сите здравствени предизвици. Трошоците за лекувањето на цивилите во споменатите држави ги покриваат фондовите за здравствено осигурување.
Поаѓајќи од одредбите на законот за служба во АРМ, со кој се поттикнува користењето на воено-здравствените установи, со ослободување од учество со лични средства при користењето на здравствените услуги, за очекување е процентот на воените лица кои ќе се определат за лекување во воено-здравствените установи во иднина да биде поголем.
Обемот на искористеност и ангажираност на воено-здравствените установи а посебно на Воената болница, во иднина значително ќе се зголеми со примената на обврските од Законот за служба во АРМ, со кои членови се бара одредување и следење на посебната здравствена и физичка способност за вршење служба во Армијата.
Истовремено Министерството за одбрана се задолжува да планира и организира извршување редовни систематски специјалистички прегледи, кои во себе содржат превентивно медицинска димензија, а истовремено служат за оценка на здравствената способност на воените лица за служба во АРМ.
Имајќи ги во предвид најавените реформи во одбраната, и нејзината определба најголемиот контингент на припадниците на вооружените сили да се обезбедува преку професионализација на војничкиот сегмент, за очекување е попроминентна улога на Воената болница и по обем и по содржина.
Во рамките на секојдневното функционирање на Воената болница во системот на здравствено згрижување на припадниците на АРМ и во здравствениот систем на Република Македонија, се извршуваат бројни активности, од кои најзначајни се:
А. Активности за потребите на АРМ
а) Активно и континуирано здравствено згрижување на питомци на Воената академија, војници, професионални војници, воени старешини, цивили вработени во АРМ, членови на семејствата на професионалните војници, воените старешини и цивилите вработени во АРМ, воени пензионери и воени резервисти на вежбовни активности, според единствената воено-медицинска доктрина;
б) Здравствено згрижување на припадници на Армијата, и на останатите безбедносните сили во воени и вонредни состојби и природни катастрофи;
в) Организирање и спроведување превентивни мерки во единиците и установите на АРМ:
организација и спроведивање хигиенско-профилактички и против епидемиски мерки, како и други превентивно-медицински мерки во мирновременските и борбените единици на АРМ;
спроведување санитарен надзор и хигиенско-епидемиолошка проценка;
хигиенска контрола на водоснабдувањето;
хигиенска контрола на исхраната и артиклите за исхрана;
дезинфекција, дезинсекција и дератизација;
микробиолошки и хемиски анализи на намирниците за исхрана за припадниците на АРМ;
микроболошки и токсиколошки анализи на материјали од болни.
г) Оспособување и обука на санитетски кадри за потребите на единиците на АРМ, со учество во наставниот процес на Воената академија покрај секојдневните работни обврски;
д) Формирање, обука и оспособување санитетски единици за делување во воени и вонредни состојби;
ѓ) Формирање, обука и оспособување медицински единици за потребите на НАТО/ПзМ и “SEEBRIG”,
е) Медицинско обезбедување при посети на високи државни и воени делегации, меѓународни собири, активности на Претседателот на Републиката, министерот за одбрана, одредени активности на воени единици и др.
ж) Систематски специјалистички прегледи на војници, војници по договор и старешини за прием во АРМ. Редовни и вонредни систематски специјалистички прегледи на воени старешини, професионални војници и војници од регрутниот состав, давање оценка за способност на истите за служба во АРМ, како и систематски прегледи на лица кои работат на места штетни по здравје;
з) Работа на Воено - лекарските комисии за оценка на способност на регрути, кандидати за питомци на Воената академија, војници, војници по договор и воени старешини;
ѕ) Здравствено згрижување на припадниците на АРМ во теренски и воени услови.
Б. Здравствени активности за други корисници:
а) Лекување граѓани на Република Македонија-осигуреници на Фондот,
б) Лекување високи државни функционери.
в) Лекување претставници на дипломатските и други меѓународни претставништва и членови на нивните семејства кои по сопствена определба се повеќе се одлучуваат да се лечат во Воената болница.
г) Лекување припадници на националните контингенти на меѓународни-мисии во рамките на заеднички НАТО/ПзМ активности, на НАТО, КФОР, TFF, EUPOL/PROXIMA и др.