ЗАКОН ЗА ОДБРАНА

Глава IX: Цивилна заштита

Член 107


Цивилната заштита се организира и се подготвува како дел од одбраната на Републиката, заради заштита и спасување на населението и материјалните добра од воени разурнувања, последиците предизвикани од нив и други опасности во воена состојба, како и од природни непогоди, епидемии, техничко-технолошки и други несреќи во мир.

Член 108


Заштита и спасување од природни непогоди, епидемии, техничко-технолошки и други несреќи во мир се остварува во согласност со законите и другите прописи што ја регулираат дејноста на надлежните органи.
Во случаите од став 1 на овој член, по барање на надлежните органи се ангажираат и силите на цивилната заштита.

а) Мерки за заштита и спасување

1) Евакуација на населението

Член 109


Во воена состојба заради заштита и спасување на населението, со евакуација се врши организирано преместување на населението од загрозени реони, објекти и правци на воени дејства во помалку загрозени.
Евакуацијата на населението може да се врши и во мир во случај на природни непогоди, епидемии, техничко–технолошки и други несреќи.

2) Засолнување

Член 110


Засолнувањето опфаќа планирање, изградба, одржување и користење на засолништа и други заштитни објекти во мир и воена состојба.
Засолништа и други заштитни објекти за заштита на населението се градат по место на живеење, место на работа и на јавни места, како јавни засолништа.

Член 111


Потребите за засолништа и други заштитни објекти се планираат според прописите за просторно и урбанистичко планирање.
Обврска за изградба на засолништа и други заштитни објекти според местото на живеење и местото на работа имаат инвеститорите кои градат објекти во загрозени зони, а Републиката за јавните засолништа.
Загрозените зони од став 2 на овој член ги утврдува Владата.
Изградбата на јавни засолништа ја организира Министерството за одбрана.
Поблиски прописи за начинот на изградба, одржување и користење на засолништата и други заштитни објекти донесува Владата.

Член 112


Инвеститорот кој гради градежен објект во загрозена зона се ослободува од обврската да гради засолниште, ако:


- изградбата на засолништето не е можна заради геолошко-хидролошките карактеристики на земјиштето или ако поради тоа трошоците на изградбата несразмерно би се зголемиле;
- во близина на објектот постојат природни или вештачки објекти погодни за засолнување или јавно засолниште;
- со урбанистичкиот план не е предвидена изградба на засолништа и
- капацитетот на веќе изградените засолништа ги задоволува потребите за засолнување.

3) Згрижување на настрадано и загрозено население

Член 113


Згрижувањето опфаќа прифаќање, сместување и обезбедување на основни услови за живот на настрадано и загрозено население.

4) Затемнување

Член 114


Затемнувањето опфаќа исклучување или засенување на изворите на осветлување на просториите за живеење, работните простории, јавните места и сообраќајните средства во воена состојба.
Затемнувањето се врши на даден знак за воздушна опасност.

5) Радиолошко хемиско–биолошка заштита

Член 115


Радиолошко хемиско-биолошка заштита опфаќа навремено откривање, следење и контрола на опасностите од радиолошко хемиско-биолошки агенси, преземање на мерки за заштита и отстранување на последиците од нив.

6) Спасување од урнатини

Член 116


Спасувањето од урнатини опфаќа активности и задачи за заштита и спасување на населението и спасување на материјалните добра од натамошно уривање во воени разорнувања, природни непогоди и технички несреќи.

7) Заштита и спасување од поплави

Член 117


Заштита и спасување од поплави опфаќа превентивни и оперативни мерки за заштита и спасување на населението и материјалните добра од поплави предизвикани од врнежи, уривање на брани и прелевање на водите преку круната на браните.

8) Заштита и спасување од пожари

Член 118


Заштита и спасување од пожари опфаќа контрола на примената на техничките и други нормативи за превентивна противпожарна заштита во областа на урбаното планирање, градежништвото и технолошките процеси; формирање, опремување и оспособување на потребен број на противпожарни единици; активности за организирање на доброволни противпожарни друштва; оспособување на граѓаните за отстранување на опасностите кои предизвикуваат пожари, користење на уредите и средствата и учество во локализирање и гасење на пожари; раководење со силите за гасење на пожари во населбите и на отворен простор и стручно оспособување и обучување на силите на цивилната заштита за локализирање и гаснење на пожари.

9) Пронаоѓање и уништување на неексплодирани
убојни средства

Член 119


Заштитата од неексплодирани убојни средства опфаќа пронаоѓање, собирање и уништување на неексплодирани убојни средства.
Во спроведување на оваа мерка учествуваат Армијата, силите на цивилната заштита што ги формира Републиката и стручни лица - пиротехничари.

10) Прва медицинска помош

Член 120


Првата медицинска помош опфаќа активности и задачи за згрижување на повредени и заболени лица, укажување на прва помош и нивно пренесување до најблиската здравствена установа.

11) Заштита и спасување на животни и производи од
животинско потекло

Член 121


Заштитата и спасувањето на животните и производите од животинско потекло опфаќа укажување на прва ветеринарна помош на повреден, заболен и контаминиран добиток од последиците од воени дејства или природни непогоди и техничко–технолошки несреќи.

12) Заштита и спасување на растенија и производи од
растително потекло

Член 122


Заштитата и спасувањето на растенијата и производите од растително потекло опфаќа заштита од растителни болести, штетници, плевели, како и последици од воени дејства и природни непогоди и техничко–технолошки несреќи.

13) Асанација на теренот


Член 123


Асанацијата на теренот опфаќа хигиенско-технички и други мерки и активности заради спречување на настанувањето и ширењето на заразните болести и други последици од воени дејства и природни непогоди, епидемии и техничко-технолошки и други несреќи.

Член 124


Мерките за заштита и спасување ги планираат и организираат:


- органите на државната управа, во областите и подрачјата за кои се основани, како и силите на цивилната заштита што ги формира Републиката за потребите на Републиката и
- трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби и единиците на локалната самоуправа за свои потреби.


Мерките за заштита и спасување ги спроведуваат: трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби со силите и средствата за редовно работење, единиците на локалната самоуправа и силите на цивилната заштита, како и органите на државната управа кои располагаат со соодветни средства и опрема.
Во спроведувањето на мерките за заштита и спасување можат да учествуваат и хуманитарни организации.
Во планирањето, организирањето и спроведувањето на мерките за заштита и спасување, субјектите од став 1 на овој член се должни меѓусебно да соработуваат.
Поблиски прописи за планирање, организирање и спроведување на мерките за заштита и спасување донесува Владата.

б) Сили на цивилната заштита

Член 125


Силите на цивилната заштита се организираат во единици и штабови.

Поблиски прописи за личниот и материјалниот состав на единиците и штабовите на цивилната заштита ги донесува Владата.
Единици и штабови за цивилна заштита, заради заштита и спасување на населението и материјалните добра формира Републиката.
Заради извршување на мерките за заштита и спасување за свои потреби, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби и единиците на локалната самоуправа формираат свои единици и штабови за цивилна заштита.
Организирање, подготвување и употреба на силите на цивилната заштита се уредува со уредба што ја донесува Владата.

Член 126


За припадниците на силите на цивилната заштита што ги формира Републиката се води евиденција во Министерството за одбрана.
Начинот на водењето евиденција за припадниците на силите на цивилната заштита од став 1 на овој член се уредува со уредба што ја донесува Владата.
Граѓаните ангажирани во силите на цивилната заштита што ги формира Републиката имаат исти права и обврски, како и припадниците на резервниот состав на Армијата.

Член 126а

Припадниците на силите на цивилната заштита носат униформа.
На униформата припадниците на силите на цивилната заштита носат знак за припадност на цивилната заштита и ознаки на нивните должности и специјалностите.
Знакот за припадност на силите на цивилната заштита е меѓународниот знак на цивилната заштита.
Поблиски прописи за униформата и ознаките на должностите и специјалностите на припадниците на силите на цивилната заштита, како и начинот за нивното носење ги донесува Владата.

Член 126б

 

На припадниците на силите на цивилната заштита може да им се доделат плакети, значки и други признанија за постигнат исклучителен успех во цивилната заштита.
Поблиски прописи за доделување на плакети, значки и други признанија донесува Владата

                          

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија