ЗАКОН ЗА ОДБРАНА

Глава V: Воена обврска

Член 50


Лицето кое подлежи на воена обврска е воен обврзник.
Во текот на траењето на воената обврска, воениот обврзник е:


1) регрут - за време на регрутната обврска;
2) војник - за време на служењето на воениот рок и
3) воен обврзник во резерва - по регулирањето на служењето на воениот рок.

а) Регрутна обврска

Член 51


Регрутната обврска се состои од должност за јавување на општ повик или поединечна покана во врска со воведување во воена евиденција, лекарски и други прегледи и психолошки испитувања, регрутирање и упатување на служење на воениот рок.

Член 52


Со стапување во Армијата, регрутот станува војник и од тој ден се смета дека го служи воениот рок.

Член 53


Лекарски и други прегледи и психолошки испитувања на регрутите заради утврдување на способноста за воена служба вршат установи од областа на здравството што ги определува министерот за одбрана во согласност со министерот надлежен за работите на здравството.
Лекарски и други прегледи и психолошки испитувања на регрутите заради утврдување на способноста за воена служба може да врши и регрутен центар што го формира министерот за одбрана.
Наодите од лекарските и други прегледи и психолошките испитувања на регрутите се впишуваат во здравствениот картон на регрутот.
Образецот на здравствениот картон на регрутите го пропишува министерот за одбрана во согласност со министерот надлежен за работите на здравството.

Член 54


Регрутирање се врши по наполнувањето на 18 години живот на регрутот.
Регрутирањето го вршат регрутни комисии.
Регрутните комисии ги формира министерот за одбрана. Со актот за формирање на регрутните комисии се определува составот, седиштето и начинот на работа на регрутните комисии.

Член 55


Способноста на регрутот за воена служба, регрутната комисија ја оценува врз основа на наодите од претходно извршените лекарски и други прегледи и психолошки испитувања во согласност со правилник за критериумите за оценување на здравствената способност за воена служба што го донесува министерот за одбрана.
Оцена на регрутната комисија може да биде:


1) способен за воена служба;
2) ограничено способен за воена служба;
3) привремено неспособен за воена служба и
4) неспособен за воена служба.

Член 56


На регрутот оценет за способен и ограничено способен за воена служба регрутната комисија му го определува родот, односно службата во која ќе го служи воениот рок.
Родот, односно службата се определува врз основа на правилник за воено–евиденциски специјалности, што го донесува министерот за одбрана.
Родот, службата и воено-евиденциската специјалност на регрутот се определуваат врз основа на здравствената и психофизичката способност, видот и степенот на образованието, занимањето, знаењата, вештините и спортските активности од значење за Армијата.
Поблиските критериуми од став 3 на овој член за определување на родот, службата и воено-евиденциската специјалност ги пропишува со правилник министерот за одбрана.
Начинот на служењето на воениот рок на регрутот кој е оценет за ограничено способен се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 57


За оцената за способноста на регрутот за воена служба и за определувањето на родот, односно службата во која ќе го служи воениот рок, регрутната комисија донесува решение.
Против решението од став 1 на овој член, регрутот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.

Член 58


Регрутот кој е оценет за привремено неспособен за воена служба подлежи на повторно регрутирање до наполнувањето на 27 години.
При секое регрутирање, привремената неспособност може да се определи во траење од една до четири години. По исклучок, за регрутите кои наполниле 26 години живот, времетраењето на привремената неспособност може да се определи во траење до една година. Времетраењето на привремената неспособност не може да се определи подолго од времето кога регрутот наполнува 27 години.
Траењето на привремената неспособност на регрутот и времето на неговото повторно регрутирање ги одредува регрутната комисија од член 54 на овој закон.
Регрутот може да биде оценет за привремено неспособен за воена служба само двапати. При третото регрутирање, регрутната комисија донесува конечна оцена за неговата способност за воена служба.

Член 59


Лицето кое е оценето за неспособно за воена служба заради што му престанува воената обврска, може да подлежи на ревизиски преглед заради проверка на неговата способност за воена служба.
Ревизискиот преглед од став 1 на овој член, може да се изврши ако лицето кое е оценето како неспособно за воена служба не навршило 40 години живот.
Лицето од став 2 на овој член кое на ревизискиот преглед ќе биде оценето како способно за воена служба, станува воен обврзник и подлежи на обврска за служење на воен рок до крајот на календарската година во која навршува 27 години живот, а ако таа календарска година поминала, подлежи на обврска за служење во резервниот состав на Армијата.
Одлука за вршење ревизиски преглед на лица од една или повеќе генерации донесува Владата, а за поединци одлучува министерот за одбрана.
Ревизискиот преглед се врши во воено-здравствена установа, од страна на комисија што ја формира Владата.
Оцена на способноста за воена служба по извршениот ревизиски преглед даваат регрутните комисии од член 54 на овој закон.
Начинот на вршењето на ревизискиот преглед се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 60


Оцената на способноста на регрутот за воена служба и родот, односно службата што му е определена, регрутната комисија ги запишува во неговата воена книшка.
Образецот на воената книшка го пропишува министерот за одбрана.

Член 61


Оцената на способноста, како и родот, односно службата одредени при регрутирањето, регрутната комисија може да ги измени заради потребите на Армијата или по барање на регрутот.
Одредбите од член 57 на овој закон се применуваат и во случај од став 1 на овој член.

б) Обврска за служење на воениот рок

Член 62


На служење на воениот рок регрутите се упатуваат по наполнувањето на 19 години.
Регрутот кој сам бара да биде упатен на служење на воениот рок ќе биде упатен во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето, ако наполнил 18 години.
Поканата за служење на воен рок се доставува до регрутот најдоцна 30 дена пред денот на упатување на отслужување на воениот рок.

Член 63


Служењето на воениот рок по барање на регрутот се одложува во случај, ако:


1) е запишан на факултет или друга висока стручна школа, односно постдипломски студии - до завршување на факултетот, друга висока стручна школа, односно постдипломските студии, а најдоцна до наполнување на 26 години;
2) е ученик во училиште за средно образование, а по наполнување на 19 години живот не го завршил училиштето - до завршување на училиштето, а најдоцна до наполнување на 21 година;
3) според прописите за правата на членовите на семејството чиј хранител е војник на служење на воениот рок, стекнал својство на единствен хранител на семејството и со упатувањето на служењето на воениот рок неговото семејство би било доведено во тешка материјална положба - додека траат тие околности, а најдоцна до крајот на септември од календарската година во која наполнува 27 години;
4) член од неговото семејство истовремено се упатува или веќе се наоѓа на служење на воениот рок - за време додека тој член не го отслужи воениот рок или од други причини не биде отпуштен од Армијата, а најдоцна до крајот на септември во календарската година во која наполнува 27 години;
5) патува или привремено престојува во странство заради лекување, школување, извршување службени работи, уредување на имотно правни, семејни и слични односи или заради заминување во странство со родителите, службено или на работа - најдоцна до крајот на календарската година во која наполнува 26 години и
6) засновал работен однос во меѓународна организација формирана од Организацијата на обединетите нации, а најдоцна до крајот на календарската година во која наполнува 26 години.

Член 64


По исклучок, служењето на воениот рок по барање на регрутот може да се одложи најмногу за една година во случај, ако:


1) неговото присуство е неопходно за да се реши станбеното прашање на неговото семејство за времето за кое бара одложување на служењето на воениот рок;
2) се вратил од странство во Републиката заради служење на воениот рок, а не е во можност да го згрижи семејството до денот определен за упатување;
3) во неговото семејство нема друг член способен за стопанисување, а е неопходно да изврши неодложни работи од областа на земјоделството кои без неговото присуство не можат да се извршат без значителна штета за семејството;
4) не ги заврши студиите на факултетот кои се со траење од девет или повеќе семестри, односно постдипломските студии во рок од една година по отслушувањето на наставата;
5) засновал работен однос во својство на приправник - до завршување на приправничкиот стаж;
6) во семејството има членови на кои за секојдневните животни потреби им е неопходна помош и нега од друго лице;
7) непосредно пред упатувањето на отслужување на воениот рок стапил во брак;
8) поради смрт или тешка болест во семејството или поради природна непогода семејството на регрутот ќе биде доведено во тешка положба со неговото упатување на отслужување на воениот рок и
9) е определен за член на репрезентација на Републиката заради учество на регионално, европско или светско натпреварување или на олимписки игри.


Барањето за одложување на служењето на воениот рок од точка 9) на овој член го поднесува регрутот и Сојузот за физичка култура на Република Македонија.

Член 65


Барањето за одложување на служењето на воениот рок со потребните докази се поднесува во рок од осум дена од денот на приемот на поканата за упатување на отслужување на воениот рок, а по исклучок ако одложувањето се бара од причините утврдени во член 64 точка 8) на овој закон, и кога ќе настанат тие причини.

Член 66


Регрутот кој од кои било причини не е упатен на служење на воениот рок се упатува на служење на воениот рок до крајот на календарската година во која полни 27 години.
По исклучок од став 1 на овој член, регрутот за кој ќе се утврди дека не ги извршувал обврските за служење на воениот рок пропишани со овој закон, па поради тоа не бил упатен на служење на воениот рок до крајот на календарската година во која полни 27 години, се упатува на служење на воениот рок најдоцна до крајот на календарската година во која полни 30 години.
Регрутот кој не е упатен на служење на воениот рок до истекот на роковите од ставовите 1 и 2 на овој член, а е оценет како способен или ограничено способен за воена служба, се преведува во резервен состав.

Член 67


Регрутот кој има намера да патува во странство на постојан или привремен престој подолго од три месеци, е должен за патувањето да го извести Министерството за одбрана.

Член 68


На служење на воениот рок не се упатува:


1) регрут кој правосилно е осуден на казна малолетнички затвор или безусловно на казна затвор поради кривично дело – додека не ја издржи казната или не биде пуштен на условен отпуст;
2) регрут врз кој е применета заводска воспитна мерка или мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа - додека трае мерката што е применета и
3) регрут против кого е поведена кривична постапка поради кривично дело за кое се гони по службена должност, а за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години - додека постапката не биде правосилно завршена.


Регрутите кои од причините наведени во став 1 на овој член не се упатени на служење на воениот рок, се упатуваат на служење, односно на доотслужување на воениот рок по издржаната казна, по пуштањето на условен отпуст, по запирањето од извршување или истекувањето на воспитната мерка или на мерката на безбедност, односно по правосилно завршената кривична постапка, а најдоцна до крајот на календарската година во која полнат 30 години.
Лицата осудени на казна малолетнички затвор или безусловно на казна затвор поради кривично дело, за време на воена состојба можат да бидат упатени на служење на воениот рок ако им е одложено издржувањето на казната.

Член 69


Од обврската за служење на воениот рок се ослободува лице:


1) оценето за неспособно за воена служба;
2) кое ќе стекне државјанство на Република Македонија со природување или врз основа на меѓународни договори, ако во земјата чиј државјанин било, го отслужило воениот рок, или ако наполнило 27 години пред стекнување на државјанството на Република Македонија;
3) кое покрај македонското, до наполнување на 27 години примило и друго државјанство, ако во земјата чие државјанство го примило го отслужило или на друг начин го регулирало воениот рок;
4) кое поради смрт на неговиот брачен другар (сопруга), би го довел во прашање подигањето, чувањето, воспитанието и образованието на неговите малолетни деца, освен ако најдоцна до крајот на календарската година во која лицето полни 27 години, не стапи во нов брак;
5) кое стекнало својство на воен старешина во постојаниот состав на Армијата и
6) кое станало полицаец или стражар во казнено-поправен дом и на таа должност поминало најмалку една година.

Член 70


Времето што питомецот на Воената академија ќе го помине на Воената академија се смета како служење на воениот рок.
На питомецот на Воената академија на кој по која било основа му е прекинато школувањето, не му се смета во служење на воениот рок првата година на школување во Воената академија.

Член 71


Времето што лицето ќе го помине на стручно оспособување и усовршување за воен старешина во постојаниот состав на Армијата, се смета како служење на воениот рок.
Лицето од став 1 на овој член, на кое стручното оспособување и усовршување ќе му биде прекинато по која било основа пред истекот на шест месеци, ќе се упати на доотслужување на воениот рок.

Член 72


Решение за одлагање на служење на воениот рок, продолжување на обврската за служење на воениот рок до 30 години и за ослободување од обврската за служење на воениот рок донесува Министерството за одбрана.
Против решението од став 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од 15 дена од приемот на решението до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.

Член 73


Служењето на воениот рок му се прекинува на војник кој во текот на служењето на воениот рок:


1) е оценет за привремено неспособен за воена служба;
2) е осуден со правосилна пресуда на казна затвор во траење над шест месеци;
3) ако против него е поведена кривична постапка за кривично дело сторено пред стапување на отслужување на воениот рок кое се гони по службена должност, ако за тоа дело е предвидена казна затвор над три години;
4) ако е примен за питомец на Воената академија;
5) ако е примен на стручно оспособување и усовршување за воен старешина - офицер на Воената академија и
6) ако е избран за стручно оспособување и усовршување за воен старешина - подофицер.

7) се самоодалечил од единицата повеќе од два месеци.

По исклучокот на став 1 на овој член, служењето на воениот рок не му се прекинува на војник кој со правосилна пресуда е осуден на казна малолетнички затвор до две години или на безусловна казна затвор до две години, доколку до завршувањето на служењето на воениот рок му останале помалку од 3 месеци.

Член 74


Служењето на воениот рок на војник може, по негово барање, да му се прекине ако поради смрт или тешка болест на член на семејството или поради елементарна непогода семејството се доведува во тешка положба поради неговата отсутност, за времето додека постојат тие причини, а најмногу за една година.
Служењето на воениот рок може да му се прекине на војник по негово барање и по барање на Сојузот за физичка култура на Република Македонија, заради негово учество во состав на репрезентацијата на Републиката на регионално, европско или светско натпреварување или на олимписки игри, доколку не користи отсуство за учество на овие спортски натпревари.
Војник на кој му е прекинато служењето на воениот рок од причините наведени во став 2 на овој член, се упатува на доотслужување на воениот рок во текот на календарската година во кое е завршено натпреварувањето, а најдоцна до крајот на календарската година во која полни 27 години.

Член 75


Војникот на кој му е прекинато служењето на воениот рок станува регрут и ќе се упати на доотслужување на преостанатиот дел од воениот рок по престанувањето на причините поради кои му било прекинато служењето на воениот рок, а најдоцна до крајот на календарската година во која полни 27, односно 30 години.
Војникот на кој му е прекинато служењето на воениот рок не се упатува на доотслужување на воениот рок ако му останале 30 или помалку денови до крајот на служењето на воениот рок.

Член 76


Во служење на воениот рок не се смета времето што војникот ќе го помине:


1) на лекување и боледување поради повреда или друго онеспособување предизвикано со намера да ја одбегне воената служба или да биде распореден на полесна должност ако тоа е утврдено со правосилна пресуда;
2) во самоволно оддалечување и бегство од Армијата што непрекинато траело повеќе од 24 часа и
3) во притвор што против него е определен со кривична постапка, ако тоа време со правосилна пресуда му е пресметано во казната поради извршеното кривично дело.


За времето што војникот ќе го помине во случаите од став 1 на овој член му се продолжува служењето на воениот рок.

Член 77


Решение за прекинување на служењето на воениот рок на војникот и решение за продолжување на воениот рок донесува старешината кој командува со единицата, односно установата, на положба командант на самостоен баталјон дивизион и повисоко.
Против решението од став 1 на овој член, војникот може да изјави жалба во рок од осум дена од приемот на решението до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.
Жалбата не го задржува решението од извршување.

Член 78


Оцена на способноста за воена служба на војникот за времето на служење на воениот рок, во согласност со правилникот од член 55 став 1 на овој закон, врши воено-лекарска комисија формирана од министерот за одбрана.
Начинот на работата на воено-лекарската комисија од став 1 на овој член се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 79


На војник кој е оценет како привремено неспособен за воена служба, служењето на воениот рок по таа основа може да му се прекине само еднаш.
Војник кој по втор пат ќе биде оценет за привремено неспособен за воена служба се отпушта од Армијата и се преведува во резервниот состав.

Член 80


Времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и постапката за прекинот за служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од Армијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 80а

Војник кој во текот на служењето на воениот рок во Армијата со оружје, од верски или морални убедувања сака да продолжи да го служи воениот рок во Армијата без оружје или во цивилна служба, поднесува писмено барање до комисијата од членот 10 на овој закон, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го дослужи воениот рок.
Решение по барањето на војникот од ставот 1 на овој член, комисијата донесува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Против решението на комисијата од ставот 2 на овој член, војникот може да поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до второстепената комисија на Владата.
На војник на кој му е одобрено дослужување на воениот рок во Армијата без оружје или во цивилна служба, во служење на воен рок во времетраење утврдено со членот 8 став 2 на овој закон му се смета и времето што тој го поминал на служење на воен рок во Армијата со оружје
.

в) Обврска за служење во резервен состав
на Армијата

Член 81


На обврската за служење во резервниот состав во Армијата подлежат воените обврзници кои:


1) го отслужиле воениот рок, од денот на отслужувањето на воениот рок и
2) според одредбите на овој закон ја регулирале обврската за служење на воениот рок на друг начин, од денот на регулирањето.

Член 82


За време на воена состојба, претседателот на Републиката може да ја продолжи обврската за служење во резервниот состав за мажи до наполнувањето 60 години.

Член 83


Обврската за служење во резервениот состав на Армијата се извршува со учество на обврзниците на воени вежби и други форми на обука, а во војна со извршување на определените воени должности.
Вкупното учество на обврзниците на воени вежби и други форми на обука во текот на една календарска година не може да изнесува повеќе од 30 дена.

Член 84


Поканата за воена вежба се доставува до воениот обврзник најдоцна 30 дена пред почетокот на воената вежба.


Член 85


Воениот обврзник во резервниот состав на Армијата, по негово барање се ослободува од обврската за учество на воена вежба, заради:


1) болест на воениот обврзник;
2) смрт или тешка болест во семејството;
3) повикување на воена вежба на два или повеќе члена од исто семејство;
4) полагање испит или колоквиум во време на изведувањето на воената вежба;
5) елементарна непогода со која се загрозува имотот на семејството;
6) стапување во брак на воениот обврзник или на член на неговото семејство;
7) лично вршење на верски обреди и верски работи (литии и слично), како верско службено лице или друго лице кое врши верски обреди и верски работи во време на изведување на воената вежба и
8) патување или привремено престојување во странство заради лекување, уредување на имотно-правните односи, семејни и слични односи непосредно пред повикување на воената вежба или за време на изведување на воената вежба.


Од обврската за учество на воена вежба која трае подолго од три дена, по негово барање се ослободува земјоделец, односно граѓанин кој врши самостојна дејност, ако неговото семејство нема друг член способен за стопанисување, како и воен обврзник кој се грижи за член на семејството на кој за секојдневните животни потреби му е неопходна помош и нега од друго лице.
Барањето за ослободување од обврската за учество на воена вежба со потребните докази се поднесува во рок од три дена од денот на приемот на поканата за воена вежба, а по исклучок ако ослободувањето се бара од причините утврдени во став 1 точки 2) и 5) на овој член, барањето со потребните докази може да се поднесе и кога ќе настапат причините заради кои се бара ослободувањето, а најдоцна до почетокот на воената вежба.
Решение по барањето од став 3 на овој член донесува Министерството за одбрана.
Против решението од став 4 на овој член може да се изјави жалба во рок од осум дена од приемот на решението до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.

Член 86


Лекарски и други прегледи и психолошки испитувања заради утврдување на способноста за воена служба и оцена на здравствената способност на воените обврзници во резервниот состав на Армијата се вршат на начин и постапка како и за регрутите.

 

Член 87


Начинот на извршувањето на обврската за служење во резервен состав на Армијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 87

Воен обврзник во резервниот состав на Армијата кој од верски или морални убедувања сака да служи во резервниот состав на Армијата без оружје, поднесува писмено барање до комисијата од членот 10 на овој закон, во кое ги наведува причините поради кои не сака да служи во резервниот состав на Армијата со оружје.
Решение по барањето на воениот обврзник од ставот 1 на овој член, комисијата донесува во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Против решението на комисијата од ставот 2 на овој член, воениот обврзник може да поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до второстепената комисија на Владата.
Воениот обврзник на кој му е одобрено служење во резервниот состав на Армијата без оружје, обврската за служење во резервниот состав ја извршува во силите на цивилната заштита или во единици и установи на Армијата, на должности кои не се поврзани со носење и употреба на оружје.
По исклучок од ставот 1 на овој член, воен обврзник во резервниот состав кој служел воен рок во Армијата без оружје или во цивилна служба, обврската за служење во резервниот состав ја извршува во силите на цивилната заштита или во единици и установи на Армијата на должности кои не се поврзани со носење и употреба на оружје, без поднесување на писмено барање.

 

 

г) Евиденција на воените обврзници

Член 88


За воените обврзници се води воена евиденција. Воведувањето во воена евиденција се врши по наполнувањето на 17 години живот. Евиденцијата на воените обврзници ја води Министерството за одбрана.
По барање на Министерството за одбрана, органите на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби и единиците на локалната самоуправа се должни на Министерството за одбрана да му даваат податоци за воените обврзници кои се од значење за водење на воената евиденција.
Воените обврзници се должни за секоја промена на податокот значаен за водење на воената евиденција да го известат Министерството за одбрана во рок од 8 дена од денот на настанувањето на промената.
Начинот на водењето на евиденцијата на воените обврзници се уредува со уредба што ја донесува Владата.

Член 89


Граѓаните повикани од надлежен орган за извршување на правата и должностите од член 2 на овој закон се должни да се јават на органот, во место и време означени во поединечната покана или општиот повик.

                          

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија