ЗАКОН ЗА ОДБРАНА

Глава IV: Армија на Република Македонија

1. Заеднички одредби

Член 22


Армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката.
Армијата има постојан и резервен состав.

Член 23


Армијата се оганизира, подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката.

Член 24


Армијата се организира во единици, команди, штабови и установи.
Организацијата на единиците, командите, штабовите и установите, како и нивната големина, структура, број, состав и намена се пропишуваат со организацијата и формацијата на Армијата.
Армијата се состои од видови, родови и служби.
Видовите се: копнена војска и противвоздушна одбрана и воено воздухопловство.
Видовите се состојат од родови и служби.
Претседателот на Републиката ги определува родовите и службите во Армијата, а Министерството за одбрана нивната намена и специјалност.

2. Генералштаб на Армијата

Член 25


Оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата.
Во извршување на работите од став 1 на овој член, Генералштабот на Армијата му предлага на Министерството за одбрана:


1) организација и формација на Армијата;
2) план за употреба на Армијата;
3) мерки за зголемување на борбената готовност на Армијата;
4) годишен финансиски план за потребите на Армијата;
5) годишна програма за опремување на Армијата;
6) годишен план за вежбовни активности на Армијата;
7) поставување, унапредување и разрешување воени старешини на должности за кои се предвидува чин мајор и повисок чин;
8) годишен план за школување, стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во Армијата;
9) лица на служба во Армијата за школување и стручно оспособување и усовршување и
10) доделување на одликувања и признанија за остварените резултати во областа на одбраната за припадниците на Армијата.

Член 26


Во извршувањето на работите и задачите од член 25 став 1 на овој закон, Генералштабот на Армијата:


1) го спроведува годишниот финансиски план за потребите на Армијата одобрен од Министерството за одбрана и ја следи ефикасноста и наменската реализација на средствата согласно со прописите донесени од министерот за одбрана;
2) ја следи борбената готовност на Армијата и презема мерки за нејзино подобрување;
3) го организира и следи спроведувањето на мерките за готовност на Армијата и презема мерки за нивно извршување;
4) извршува мобилизација на Армијата;
5) изведува вежбовни и други активности за оспособување на Армијата во согласност со годишниот план;
6) спроведува логистичка поддршка на Армијата;
7) спроведува персонален менаџмент во Армијата во согласност со кадровската политика на Министерството за одбрана;
8) планира, организира и спроведува обука за припадниците на Армијата;
9) организира и подготвува врски за командување и контрола во Армијата;
10) планира и спроведува криптозаштита на тајните податоци значајни за Армијата;
11) организира и спроведува противелектронско обезбедување;
12) организира и спроведува набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор на Републиката;
13) организира и спроведува разузнавање и контраразузнавање во Армијата;
14) организира и спроведува заштита на силите во Армијата;
15) организира и спроведува откривање и спречување на вршење кривични дела во Армијата;
16) врши уредување на територијата за потребите на Армијата;
17) во согласност со планот на Министерството за одбрана остварува соработка со странски армии;
18) поставува, унапредува и разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан;
19) произведува во почетен чин воени старешини – подофицери;
20) донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата и
21) врши и други работи во согласност со овој закон и со прописите за служба во Армијата.

Член 27


Со Генералштабот на Армијата раководи началник кој го поставува и разрешува претседателот на Републиката.
За својата работа началникот на Генералштабот на Армијата му одговара на претседателот на Републиката и на министерот за одбрана.

3. Командување во Армијата

Член 28


Претседателот на Републиката е врховен командант на Армијата.
Командувањето со Армијата, претседателот на Републиката го спроведува преку министерот за одбрана, во согласност со Уставот и овој закон.
Со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката.
Командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата.
Наредбите на претпоставениот старешина во Армијата не се извршуваат ако нивното извршување претставува кривично дело.

4. Пополнување на Армијата

Член 29


Пополнувањето на Армијата се врши според организацијата и формацијата на Армијата.
Пополнувањето на постојаниот состав на Армијата се врши со регрути, професионални војници, воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата, како и со материјални средства.
Пополнувањето на резервниот состав на Армијата се врши со воени обврзници во резерва.
Пополнувањето на резервниот состав на Армијата со материјални средства во воена состојба се врши и со средства опфатени со материјална обврска од членовите 14 и 15 на овој закон.

5. Подготовка и мобилизација на Армијата

Член 30


Подготовката на Армијата опфаќа преземање организациски, безбедносни, воено-стручни и други мерки и постапки потребни за успешното остварување на борбените задачи.

Член 31


Со мобилизација Армијата се доведува во состојба на готовност за извршување на борбени задачи според документите за употреба на Армијата.

Член 32


Мобилизацијата на Армијата може да биде општа и делумна.
Општата мобилизација ја опфаќа целата Армија, а делумната, нејзините одделни формациски состави.

Член 33


Мобилизацијата на Армијата се организира во согласност со документите за употреба, а се извршува според документите за мобилизација.

Член 34


За подготвување, спроведување и извршување на мобилизацијата на Армијата се одговорни:


1) министерот за одбрана - за организирање и спроведување на мобилизацијата на Армијата;
2) началникот на Генералштабот на Армијата - за подготвување и извршување на мобилизацијата на Армијата и
3) воените старешини во постојаниот состав на Армијата - за подготвување и извршување на мобилизација на формациските состави со кои командуваат.

Член 35


Заради проверување на мобилизациската подготвеност и борбената готовност на Армијата, односно заради обука, согласно со планот за вежбовни активности на Армијата, одделни формациски состави на Армијата можат да се мобилизираат во мир.

6. Материјално обезбедување на Армијата

Член 36


Под материјално обезбедување на Армијата, во смисла на овој закон, се подразбира снабдувањето на Армијата со борбени и други материјални средства и опрема, исхрана, санитетско и ветеринарно обезбедување и друга логистичка поддршка.

Член 37


Материјалното обезбедување на Армијата го планира и организира Министерството за одбрана, а го спроведува Генералштабот на Армијата во согласност со планот за опремување на Армијата.

Член 38


Заради материјално обезбедување на Армијата се формираат потребни материјални резерви.
Видот и обемот на материјалните резерви ги утврдува со правилник министерот за одбрана.

7. Врски за командување и контрола, криптозаштита и противелектронско обезбедување

Член 39


За потребите на Армијата се организираат и подготвуваат врски за командување и контрола и се спроведуваат мерки за криптозаштита, против електронско обезбедување и други мерки за заштита.
Врските за командување и контрола, како и мерките за криптозаштита и противелектронско обезбедување од став 1 на овој член, се составен дел на врските за раководење за потребите на одбраната.

8. Учество на Армијата во отстранувањето на последиците во вонредна состојба

Член 40


Армијата може да учествува во отстранувањето на последиците од вонредна состојба.
Наредба за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба донесува претседателот на Републиката.
Упатство за начинот на учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба донесува министерот за одбрана.

9. Учество на Армијата надвор од територијата
на Републиката

Член 41


Во согласност со ратификуваните меѓународни договори, единиците на Армијата или нивни делови од постојаниот и резервниот состав, како и воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата и вработени во Министерството за одбрана, можат да учествуваат во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции и надвор од територијата на Републиката.
Одлука за испраќање на единици на Армијата надвор од територијата на Републиката за учество во вежбовни активности, обука и хуманитарни операции донесува Владата.
Одлука за испраќање на единици на Армијата надвор од територијата на Републиката за учество во мировни операции донесува Собранието на Републиката.
Одлука за испраќање на вработени од Министерство за одбрана надвор од територијата на Републиката во случаите од став 1 на овој член, донесува министерот за одбрана.

Член 42


Во единиците од постојаниот состав на Армијата кои се испратени надвор од територијата на Републиката, заради учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции, не можат да учествуваат војници на отслужување на воениот рок.

Член 43


Воените обврзници од резервниот состав на Армијата можат да бидат ангажирани во единиците на Армијата надвор од територијата на Републиката, доколку се согласат со тоа.
Додека се ангажирани надвор од територијата на Републиката, воените обврзници од резервниот состав на Армијата имаат статус на професионални војници, односно воени старешини од постојаниот состав на Армијата.

Член 44


Правата и обврските на воените обврзници од член 43 на овој закон и на вработените во Министерството за одбрана кои се испратени надвор од територијата на Републиката во случаите од член 41 став 1 на овој закон, се уредуваат со договор кој се склучува со Министерството за одбрана.

10. Униформа и ознаки на воените лица и знамиња
на единиците на Армијата

Член 45


Воените лица носат униформа.
На униформата воените лица носат единствен знак за припадност на Армијата, чин, ознака за родот или службата, ознака на единицата на Армијата на која припаѓаат и знамето на Републиката како државен симбол.
Единиците на Армијата имаат свои знамиња.
Единствениот знак за припадност на Армијата, униформата, ознаките на чиновите, ознаките на родовите и службите, знамињата и ознаките на единиците како и начинот и условите за нивното носење ги пропишува претседателот на Републиката.

11. Служба во Армијата

Член 46


Службата во Армијата се уредува со закон.

12. Политичко здружување

Член 47


Во Армијата не можат да се организираат и да функционираат политички партии и здруженија на граѓани.
Припадниците на Армијата во вршењето на службата не можат да се раководат од своите политички убедувања, ниту можат да ги изразуваат и застапуваат во своето работење или да влијаат на другите.
Членството во одредена политичка партија не може да влијае врз поставувањето, унапредувањето во чин, оценувањето, школувањето, стручното оспособување и усовршување, наградувањето и другите права на воените и цивилните лица на служба во Армијата.
Воените лица не можат да присуствуваат и учествуваат на политички собири и манифестации во униформа, ниту да манифестираат партиски обележја, симболи или други знаци на политички партии.

13. Штрајк

Член 48


Се забранува штрајк во Армијата во воена и вонредна состојба, како и во случај на извршување меѓународни договори што се однесуваат на вежбовни активности, обука, мировни или хуманитарни операции во Републиката или надвор од неа во кои учествуваат единици на Армијата.
Правото на штрајк во Армијата може да се остварува под услови да не се нарушува борбената готовност на Армијата и животот и здравјето на припадниците на Армијата.
Заради спречување на евентуални штетни последици за борбената готовност на Армијата и животот и здравјето на припадниците на Армијата за време на штрајкот, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот на Армијата се должни да обезбедат остварување на виталните функции на Армијата.
За време на штрајкот учесниците во штрајкот се должни да останат на своите работни места и да ги извршуваат активностите неопходни за остварување на виталните функции на Армијата.
Штрајкот мора да се најави најмалку десет дена пред неговото започнување. Во него истовремено не можат да учествуваат повеќе од 10% од вработените во Армијата и не може да трае подолго од три дена.

 

14. Синдикално организирање

Член 49


Се забранува синдикално организирање во Армијата во воена и вонредна состојба.

 

                          

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија