ЗАКОН ЗА ОДБРАНА

Глава III: Надлежности на органите на државната Власт


а) Раководење со одбраната

Член 16


Раководењето со одбраната се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија и закон.
Раководењето со одбраната го остваруваат Собранието на Република Македонија, претседателот на Републиката, Владата и министерот кој раководи со Министерството за одбрана.

б) Собрание на Република Македонија

Член 17


Во остварувањето на одбраната Собранието на Република Македонија:


1) врши надзор врз остварувањето на надлежностите на Владата во одбраната и ја следи подготвеноста за одбрана на Републиката;
2) утврдува постоење на непосредна воена опасност од напад врз Републиката;
3) прогласува настанување и престанување на воена состојба;
4) одлучува за висината на средствата за потребите на одбраната;
5) донесува буџет на Републиката за воена состојба;
6) донесува одлука за стапување во членство и за истапување на Републиката од членство од колективните системи за безбедност и одбрана;
7) ратификува меѓународни договори кои се однесуваат на влегување, поминување или престојување на странски вооружени сили на територијата на Републиката заради вежбовни активности, обука и учество во мировни или хуманитарни операции, како и за учество во тие активности и операции на единиците на Армијата на Републиката во странство;
8) донесува национална концепција за безбедност и одбрана на Републиката;
9) прогласува ден на Армијата и ден на цивилната заштита и
10) донесува заклучоци и резолуции во врска со остварувањето на системот на одбраната, плановите за развој на одбраната, опременоста и борбената готовност на Армијата.


Извештај по актите наведени од точка 10 на овој член поднесува Владата по барање на Собранието или најмалку на две години.
Заради запознавање со активностите во Армијата, пратеник во Собранието може да побара од Министерството за одбрана да организира негова посета на единици, команди и штабови на Армијата.

в) Претседател на Република Македонија и врховен командант на Армијата

Член 18


Во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата:


1) донесува стратегија за одбрана на Републиката;
2) донесува план за одбрана на Републиката;
3) ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
4) пропишува организација и формација на Армијата;
5) донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба;
6) дава согласност на документите за развој на Армијата;
7) ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
8) наредува мобилизација на Армијата;
9) го пропишува командувањето во Армијата;
10) донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизацијата на Армијата;
11) поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали и
12) поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство.


Во остварувањето на функциите од областа на одбраната, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата донесува подзаконски акти.

г) Влада на Република Македонија

Член 19


Во остварувањето на одбраната Владата ги има следниве надлежности:


1) предлага висина на средства за потребите на одбраната;
2) предлага буџет на Републиката за воена состојба;
3) дава мислење за Стратегијата за одбрана на Републиката;
4) го утврдува предлогот на планот за одбрана на Републиката;
5) во согласност со ратификуваните меѓународни договори одлучува за влегување, престојување или преминување на странски вооружни сили на територијата на Републиката заради вежбовни активности, обука и учество во мировни или хуманитарни операции;
6) одлучува за примање и давање воено-техничка помош со други држави;
7) одлучува за испраќање во странство во вежбовни и хуманитарни активности на силите на цивилната заштита што ги формира Републиката;
8) одлучува за ангажирање на силите на цивилната заштита што ги формира Републиката;
9) одлучува за воведување работна обврска;
10) одлучува за евакуација на населението;
11) наредува употреба на полицијата во воена состојба како поддршка на Армијата;
12) одлучува за вежбовни активности на органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби;
13) донесува уредби за:


- спроведување на мерките на приправност;
- обезбедување резерви за потребите на одбраната во случај на воена состојба;
- планирање на одбраната;
- обучување за одбрана;
- критериуми за распоредување и приоритет при распоредувањето на граѓаните во одбраната;
- критериуми за опремување на органите на државната власт за работа во воена состојба;
- уредување на територијата за потребите на одбраната;
- организација и функционирање на системот за набљудување, известување и тревожење во Републиката;
- организација и функционирање на врските за раководење;
- организација и функционирање на криптозаштитата во Републиката;
- противелектронско обезбедување;
- начинот на користење на податоците и информациите што се пренесуваат и обработуваат со комуникациско - информацискиот систем во областа на одбраната и
- критеируми за евакуација на населението;


14) донесува одлуки за:


- методологија за спроведување на подготовките за одбрана;
- формирање единици и штабови на цивилната заштита на Републиката;
- формирање центар за обука за одбрана и
- определување на објектите и зоните од значење за одбраната и зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето.

д) Министерство за одбрана

Член 20


Во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана:


1) подготвува стратегија за одбрана на Републиката;
2) врши процена на можните воени и други опасности со кои се загрозува суверенитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Републиката и загрозеноста на територијата од природни непогоди и други несреќи;
3) го организира и подготвува системот на одбраната и предлага мерки за негов развој и усовршување;
4) подготвува план за одбрана на Републиката;
5) го организира пренесувањето на наредбата за спроведување на мерките на приправност и го следи нивното спроведување;
6) го организира и спроведува планирањето на одбраната;
7) ги планира потребите на одбраната и изработува финансиски планови и програми за потребите на одбраната;
8) ги распоредува финансиските средства за одбраната во согласност со Буџетот на Републиката;
9) врши ревизија на реализацијата на финансиските средства распоредени за потребите на Армијата;
10) планира резерви за потребите на одбраната во случај на воена состојба;
11) планира и организира материјално обезбедување за потребите на одбраната;
12) организира и спроведува здравствена заштита за потребите на одбраната;
13) предлага организација и формација на Армијата;
14) врши пополнување на Армијата;
15) организира и спроведува мобилизација на Армијата;
16) врши контрола и оценување на борбената готовност на Армијата;
17) донесува годишен план за вежбовни активности на Армијата;
18) донесува годишен план за школување и стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во Армијата и вработените во Министерството, како и извадок од развојниот план за обучување;
19) произведува во почетен чин воени старешини - офицери;
20) поставува, унапредува и разрешува воени старешини на должности за кои е предвиден чин од мајор до полковник;
21) врши стручни и управни работи во врска со изградбата на воени и други објекти од значење за одбраната и изградбата на инвестициони објекти за потребите на Армијата;
22) организира и спроведува вежбовни активности со органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби;
23) врши опремување на органите на државната власт за работа во воена состојба;
24) планира и организира уредување на територијата за потребите на одбраната;
25) организира и подготвува набљудување, известување и тревожење;
26) организира и подготвува врски за раководење за потребите на одбраната во воена и вонредна состојба;
27) организира, подготвува и спроведува криптозаштита на тајните податоци од областа на одбраната;
28) врши фреквентен менаџмент во радиокомуникациите за потребите на одбраната;
29) организира и обезбедува функционирање на интегриран комуникациско- информациски систем;
30) ги организира и подготвува силите на цивилната заштита формирани од Републиката;
31) врши пополнување на силите на цивилната заштита што ги формира Републиката;
32) организира и спроведува мобилизација на единиците и штабовите на цивилната заштита што ги формира Републиката;
33) организира откривање и уништување на неексплодирани убојни средства;
34) организира и спроведува разузнавање и контраразузнавање за потребите во одбраната;
35) организира и спроведува спречување и откривање на кривични дела од член 135 на овој закон;
36) го следи остварувањето на заштитата на тајноста на податоците од значење за одбраната;
37) организира и спроведува обука за одбрана;
38) изработува наставни планови и програми за обука за одбрана;
39) организира функционирање на Центарот за обука за одбрана;
40) ги врши управните работи во остварувањето на правата и должностите на граѓаните во областа на одбраната;
41) води кадровска политика;
42) води сметка за составот на армискиот раководен кадар и другите лица ангажирани во Армијата, од аспект на националната припадност, без да се наруши критериумот на професионалност и стручност;
43) организира и спроведува информирање на јавноста;
44) организира и остварува издавачка дејност;
45) утврдува стандарди и други акти на стандардизација и метрологија за потребите на одбраната во согласност со закон;
46) врши надзор врз спроведувањето на овој закон и другите прописи од областа на одбраната;
47) организира научно-истражувачка работа за потребите на одбраната;
48) организира научна и научно-техничка соработка од областа на одбраната со институции надвор од Републиката;
49) планира остварување на меѓународна соработка во областа на одбраната;
50) ја организира посетата на пратениците на Министерството и на Армијата;
51) донесува прописи што се однесуваат на регрутирање и пополнување на постојаниот состав на Армијата со регрути, школување, стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во Армијата и други прописи во врска со вршењето на службата во Армијата;
52) донесува прописи што се однесуваат на стручно оспособување и усовршување на вработените во Министерството за одбрана и
53) донесува стручни упатства од областа на одбраната.


Во воена состојба Министерството за одбрана, врши штабни и други работи за потребите на претседателот на Републиката.

ѓ) Органи на државната управа

Член 21


Министерствата и другите органи на државната управа и управни организации во остварувањето на одбраната на Републиката се подготвуваат за остварување на нивната функција во воена состојба и учествуваат во изработката на планот за одбрана на Републиката.
Во остварувањето на работите од став 1 на овој член, министерствата и другите органи на државната управа и управните организации во областите за кои се формирани:


1) следат, насочуваат, вршат надзор и преземаат мерки за спроведување на подготовките за одбрана;
2) изработуваат документи за функционирање во воена состојба;
3) предлагаат мерки за усогласување на документите од Планот за одбрана на Републиката;
4) спроведуваат мерки за приправност;
5) спроведуваат мерки за заштита и спасување на работниците и материјалните добра;
6) изработуваат стручни упатства за спроведување на подготовките за одбрана и
7) вршат и други работи во областа на одбраната во согласност со закон.


Министерствата и другите органи на државната управа и управните организации во воена состојба, го следат извршувањето на документите за функционирање во областите за кои се образувани и преземаат мерки и активности за нивно извршување.
Одредбите од ставовите 1 до 3 на овој член соодветно се однесуваат и на судовите, Јавното обвинителство, Уставниот суд на Република Македонија, Народниот правобранител и другите органи на Републиката, како и на Народната банка на Република Македонија.

 

                          

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија