ГЛАВА II

ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ГРАЃАНИТЕ
ВО ОДБРАНАТА

Член 2
Во остварувањето на одбраната на Републиката, граѓаните ги имаат следниве права и должности:


1) да извршуваат воена обврска;
2) да учествуваат во цивилната заштита;
3) да извршуваат работна обврска и
4) да извршуваат материјална обврска.

1. Извршување на воената обврска

Член 3


На воена обврска подлежат сите граѓани на Републиката од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот.
Жените можат да подлежат на воена обврска под условите од став 1 на овој член, ако доброволно се пријават за воени обврзници до крајот на календарската година во која полнат 27 години живот.

Член 4


Воената обврска на граѓаните се состои од:


1) регрутна обврска;
2) обврска на служење воен рок и
3) обврска на служење во резервен состав.

Член 5


На воениот обврзник му престанува воената обврска:


1) ако е оценет како неспособен за воена служба и
2) ако му престане државјанството на Република Македонија.

Член 6


Воениот обврзник станува воено лице со стапувањето, а престанува да биде воено лице со отпуштањето од Армијата.
Воениот обврзник има статус на воено лице и кога се јавува на покана од надлежен орган на државната управа, заради извршување на воената обврска од поаѓањето до враќањето во станот.

Член 7


Служењето на воениот рок трае шест месеци.
Обврската за служење воен рок се извршува во Армијата.

Член 8


По исклучок од член 7 на овој закон, регрутот кој од верски или морални убедувања (приговор на совеста), не сака да служи воен рок во Армијата со оружје, може да служи воен рок во Армијата без оружје или да служи воен рок во цивилна служба.
Служењето на воениот рок во случаите од став 1 на овој член трае 10 месеци.

Член 9


Воениот рок во цивилна служба се служи во здравствени, хуманитарни или социјални организации и установи и противпожарни единици.
Организациите, установите и единиците од став 1 на овој член во кои ќе се служи воен рок во цивилна служба ги определува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).
Организациите, установите и единиците од став 1 на овој член се должни на лицето кое го служи воениот рок во цивилна служба да му обезбедат бесплатно сместување и исхрана.
Финансиските средства за надоместок на трошоците за сместување и исхрана од став 3 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за одбрана во висина на финансиските средства потребни за сместување и исхрана на војник кој служи воен рок во единиците на Армијата.
Организациите, установите и единиците од став 1 на овој член се должни да ги определат работните места и видот и обемот на задачите на лицата кои го служат воениот рок во цивилна служба, а за кои согласност дава Владата, по претходно мислење од Министерството за одбрана.
Организациите, установите и единиците од став 1 на овој член во кои се служи воен рок во цивилна служба се должни да вршат контрола на лицата кои го служат воениот рок во цивилна служба и за тоа да го известуваат Министерството за одбрана. Контрола врши и Министерството за одбрана.
Лицето кое служи воен рок во цивилна служба е изедначено во поглед на правата и обврските со војникот кој служи воен рок во Армијата.
Начинот на служење на воен рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Член 10


Регрутот кој сака да служи воен рок согласно член 8 од овој закон, поднесува писмено барање до Министерството за одбрана, до денот на приемот на поканата за упатувањена отслужување на воениот рок, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок.
Решение по барањето на регрутот од став 1 на овој член донесува комисија формирана од Министерството за одбрана, во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Против решението на комисијата од став 2 на овој член, регрутот може да поднесе жалба во рок од 15 дена до второстепената комисија на Владата.

2. Учество во цивилната заштита

Член 11


Должноста на граѓаните за учество во цивилната заштита се состои од извршување задачи во заштитата и спасувањето на населението и материјалните добра од воени разурнувања, последиците предизвикани од нив и други опасности во воена состојба, како и од природни непогоди, епидемии и техничко–технолошки и други несреќи во мир.
Должноста на граѓаните од став 1 на овој член се остварува со учество во силите на цивилната заштита.

Член 12


Должност за учество во силите на цивилната заштита имаат сите граѓани на возраст од 18 до 60 години живот за мажи, односно 55 години живот за жени.
Од должноста за учество во силите на цивилната заштита се ослободуваат бремени жени, мајки односно самохрани родители и старатели кои имаат или се грижат за дете до седум години, односно две и повеќе деца до десет години, како и воените обврзници кои имаат распоред во Армијата.

3. Извршување на работна обврска

Член 13


Должност за извршување на работната обврска имаат сите работоспособни граѓани на возраст од 18 до 65 години живот за мажи, односно 60 години живот за жени.
Од должноста за извршување на работната обврска се ослободуваат бремени жени, мајки, односно самохрани родители и старатели кои имаат или се грижат за дете до седум години, односно две и повеќе деца до десет години, граѓани кои се здравствено неспособни за работа и граѓани кои имаат распоред во Армијата и силите на цивилната заштита што ги формира Републиката.
Должноста за извршување на работната обврска се остварува само во воена состојба.
Поблиски прописи за извршување на работната обврска донесува Владата.

4. Извршување на материјална обврска

Член 14


За потребите на Армијата и цивилната заштита во воена и вонредна состојба, како и при изведување вежбовни активности во мир, граѓаните, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите се должни, на Министерството за одбрана по негово барање да му даваат на користење возила, машини, земјиште, објекти, како и други материјални средства, запрежен и товарен добиток.
Министерството за одбрана води евиденција и врши распоредување на средствата и добитокот од став 1 на овој член.
По барање на Министерството за одбрана, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите се должни на Министерството за одбрана да му даваат податоци за материјалните средства и добитокот од став 1 на овој член.
Сопствениците на материјалните средства и добитокот од став 1 на овој член се должни за секоја промена од значење за водење на евиденцијата од став 2 на овој член да го известат Министерството за одбрана во рок од осум дена од денот на настанување на промената.
За користењето на средствата и добитокот од став 1 на овој член, на давачите им припаѓа надоместок за нивно користење, како и надоместок за нивно оштетување или уништување.
Дневниот надоместок за користење од став 5 на овој член изнесува до 30% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена во месецот пред давањето на средствата и добитокот, а надоместокот за нивно оштетување или уништување не може да биде помал од пазарната вредност на средството, односно добитокот што истите ја имале во времето кога биле оштетени или уништени, определена врз основа на елементите со помош на кои според обичаите во зависност од времето и местото на пазарот се утврдува пазарната цена.
Поблиски прописи за видот на средствата и добитокот од став 1 на овој член, за начинот на водењето на евиденцијата и за поблиско определување на висината на надоместокот за нивното користење, оштетување и уништиување донесува Владата.

Член 15


Должност за давање на средствата и добитокот од член 14 на овој закон во воена состојба имаат и странски државјани кои постојано живеат на територијата на Републиката, како и странските трговски друштва и странски трговци-поединци, односно нивни претставништва и други организациски единици во Републиката.

                           

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија