ЗАКОН ЗА ОДБРАНА

Глава XIV: Надоместоци на граѓаните во извршување на правата и должностите во одбраната

Член 148


Граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната во врска со извршување на воена обврска, учество во силите на цивилната заштита што ги формира Републиката, извршување на работна и материјална обврска, обучување за одбрана и пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства, имаат право на паричен надомест утврден со овој закон.

Член 149


Граѓаните од член 148 на овој закон имаат право на следниве парични надоместоци:


- плата, пензија или други парични примања;
- трошоци за превоз, сместување и исхрана;
- трошоци за дополнително ангажирање;
- еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот;
- погребни и други трошоци;
- за изведување обука за одбрана и
- за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства.

Член 150


Граѓаните кои се во работен однос или вршат самостојна дејност, примаат паричен надоместок по основа на невработеност или примаат пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на плата или надоместок исплатен за последниот месец пред повикувањето или ангажирањето на кои е пресметан и уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, односно во висина на пензијата.
Граѓаните кои не се во работен однос, не вршат самостојна или професионална дејност, не примаат паричен надоместок по основа на невработеност или не остваруваат право на пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на просечна месечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во последниот месец пред повикувањето, односно ангажирањето (во натамошниот текст: просечна месечна плата).

Член 151


Граѓаните распоредени на должности во резервниот состав на Армијата, имаат право и на разлика од надоместокот од член 149 алинеја 1 на овој закон до висината на платата на военото лице од постојаниот состав на Армијата за истата должност, доколку надоместокот е понизок од платата.

Член 152


Граѓаните распоредени на должности во силите на цивилната заштита што ги формира Републиката, имаат право и на разлика од надоместокот од член 149 алинеја 1 на овој закон до висината на надоместокот за извршување на должностите во силите на цивилната заштита, доколку надоместокот е понизок од надоместокот за извршување на должностите во силите на цивилната заштита.
Висината на надоместокот за извршување на должностите во силите на цивилната заштита што ги формира Републиката го утврдува Владата и не може да биде поголем од три просечни месечни плати.

Член 153


За време на служење на воениот рок на војниците им припаѓа парично примање во висина до 10% од просечната месечна плата, во зависност од чинот и должноста што ја извршуваат.

Член 154


Граѓаните за време на извршување на правата и должностите во областа на одбраната имаат право на надоместок на трошоците за превоз, исхрана и сместување - ноќевање, доколку не се обезбеди бесплатен превоз, бесплатна исхрана и бесплатно сместување - ноќевање.
Надоместокот на трошоците за превоз е во висина на цената на возниот билет во јавниот сообраќај, доколку станот во кој живее граѓанинот е оддалечен над 2,5 километри од местото на јавување односно доаѓање.
По исклучок од став 2 на овој член, за правците во кои нема организиран јавен превоз, надоместокот на трошоците направени со возило е во висина од 30% од продажната цена на 1 литар гориво за возилото кое се користи за секој изминат километар.
Висината на надоместокот на дневните трошоци за исхрана е 5% од просечната месечна плата, доколку ангажирањето траело до осум часа, односно 8% доколку ангажирањето траело подолго од осум часа.
По исклучок од став 4 на овој член, на граѓаните – регрути при извршувањето на лекарски и други прегледи и психолошки испитувања и на граѓаните ангажирани за обучување за одбрана со времетраење до осум часа, им припаѓа надоместок во висина од 50% од висината на надоместот од став 4 на овој член.
Во случај кога не е обезбедено бесплатно сместување - ноќевање, а граѓаните се повикани на извршување на должностите од областа на одбраната надвор од местото на живеалиштето односно престојувалиштето, висината на надоместот е во износ на стварните трошоци за сместување, а се исплатува според поднесена сметка за сместување во хотели до „Б" категорија.

Член 155


Граѓаните повикани заради извршување на права и должности од областа на одбраната во резервниот состав на Армијата и во силите на цивилната заштита што ги формира Републиката, доколку за време на извршувањето на должностите им се обезбедени бесплатен превоз, бесплатна исхрана и бесплатно сместување–ноќевање, имаат право на надоместок за дополнително ангажирање и тоа:


- за воените старешини - офицери и подофицери во Армијата и за извршителите на раководни должности во силите на цивилната заштита - 5% од просечната месечна плата и
- за војниците во Армијата и другите извршители во силите на цивилната заштита - 3% од просечната месечна плата.

Член 156


Висината на надоместокот на еднократна парична помош на семејството во случај на смрт, односно загинување на граѓани за време на извршување на должностите во одбраната изнесува пет просечни месечни плати.

Член 157


Висината на надоместокот на еднократната парична помош во случај на повреда и оштетување на организмот од најмалку 20% за време на извршување на воените должности изнесува 50% од просечната месечна плата.

Член 158


Висината на надоместокот на погребните и други трошоци (сандак со опрема и венец), трошоците за превоз на умрениот, односно загинатиот граѓанин од местото на смртта до местото на погребувањето, доколку семејството ги врши и другите трошоци сторени со традиционален обичај за време на погребот изнесува пет просечни месечни плати.

Член 159


Граѓаните ангажирани како предавачи во обучувањето за одбрана, за секое предавање имаат право на надоместок во висина од 30% од дневницата за службени патувања во земјата утврдена за државните службеници.
Надоместокот од став 1 на овој член не им припаѓа на вработените во Министерството за одбрана и на служба во Армијата ако се ангажирани како предавачи во обучувањето за одбрана.
Научни и јавни работници кои се ангажирани во обучувањето за одбрана како предавачи имаат право на надоместокот во висина утврдена со посебен договор склучен помеѓу овие лица и Министерството за одбрана.

Член 160


Граѓаните - пиротехничари и помошни работници ангажирани за пребарување на теренот заради утврдување и постоење на неексплодирани убојни средства имаат право на надоместок во висина од 0,2% по метар кубен испитан терен од просечната месечна плата.
Граѓаните - пиротехничари и помошните работници ангажирани за уништувањето на пронајдените неексплодирани убојни средства, во зависност од бројот на парчињата, тежината и видот на убојното средство имаат право на надоместокот до 20% од просечната месечна плата.

Член 161


Средствата за надоместокот на граѓаните во извршување на правата и должностите во одбраната се обезбедуваат од средствата на Министерството за одбрана.
Поблиски прописи за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршување на правата и должностите во одбраната донесува Владата.

                          

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија