Глава
XI: Разузнавање, контраразузнавање, спречување и откривање
на кривични дела и заштита на силите и тајните податоци во одбраната
Член
133
Разузнавањето во Армијата опфаќа мерки, активности и постапки што
се преземаат заради собирање, документирање и анализирање на разузнавачки
податоци значајни за одбраната на Републиката.
Работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица
на Министерството за одбрана кои ги определува министерот за одбрана.
Во вршењето на работите од став 1 на овој член овластените службени
лица имаат право да собираат податоци, известувања и информации
од својот делокруг на работа.
Член
134
Контраразузнавањето во Армијата опфаќа мерки, активности и постапки
што се преземаат заради:
- откривање и спречување на разузнувачка и друга субверзивна дејност
на странски воено-разузнавачки и разузнавачки служби, која се
врши во земјата или од странство, а е насочена кон одбраната на
Републиката;
- откривање и спречување на сите форми на терористичка дејност
насочена кон одбраната на Републиката и
- спроведување на контраразузнавачка заштита на задачите и плановите,
документите, материјално-техничките средства, подрачјата, зоните
и објектите од интерес за одбраната на Републиката.
Работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица
на Министерството за одбрана кои ги определува министерот за одбрана.
Во вршењето на работите од став 1 на овој член овластените службени
лица имаат право да собираат податоци, известувања и информации
од својот делокруг на работа.
Член
135
Спречување и откривање на кривични дела во воените единици и установи,
на простори на кои логоруваат воени единици или се изведуваат вежбовни
активности на Армијата, како и во објекти и зони што ќе ги определи
Владата, опфаќа мерки, активности и постапки кои се преземаат заради
спречување за вршење на кривични дела како и за откривање и фаќање
на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежните органи.
Работите од став 1 на овој член ги вршат овластени службени лица
на Министерството за одбрана кои ги определува министерот за одбрана.
Во вршењето на работите од став 1 на овој член, овластените службени
лица ги имаат следниве права и должности:
- да легитимираат лице заради утврдување на неговиот идентитет
и на негово барање сами да се легитимираат;
- да вршат затворање на пристапот и да го оневозможат напуштањето
на просторот без одобрение до завршување на службените дејствија;
- да вршат преглед на превозни средства, лица и багаж;
- присилно да отстранат лице од определениот простор, како и лице
кое не постапува по наредба на овластеното службено лице;
- да употребат огнено оружје ако со други средства на присилба
не можат да го заштитат животот на лицата на тој простор, да одбијат
од себе непосреден напад со кој се загрозува нивниот живот, да
одбијат напад на објект или личност што се обезбедува или да спречат
бегство на лице затечено при извршување на кривично дело за кое
е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Во извршување на работите од став 1 на овој член учествуваат и овластени
службени лица на Воената полиција кои ги определува министерот за
одбрана.
Член
136
Овластените службени лица од членовите 133, 134 и 135 на овој закон,
имаат легитимации.
Образецот на легитимацијата и начинот на нејзиното издавање ги пропишува
министерот за одбрана.
Поблиски прописи за остварување на работите од членовите 133, 134
и 135 на овој закон донесува министерот за одбрана.
Член
137
Заштитата на силите во воените единици и установи, на простори на
кои логоруваат воени единици или се изведуваат вежбовни активности
на Армијата, како и во објекти и зони што ќе ги определи Владата,
опфаќа мерки, активности и постапки што се преземаат заради:
- одржување на воен ред и дисциплина;
- обезбедување на лица, команди и објекти определени од министерот
за одбрана;
- регулирање и контрола на воениот сообраќај и
- учество во борба против диверзантски, терористички и други вооружени
групи.
Работите од став 1 на овој член ги врши Воената полиција.
Поблиски прописи за работата на Воената полиција донесува министерот
за одбрана.
Член
138
Заштитата на тајните податоци опфаќа мерки, активности и постапки
што се преземаат заради заштита на тајноста на податоците, информациите
и документите од областа на одбраната.
Граѓаните, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и
служби од посебно значење за одбраната, единиците на локалната самоуправа
и органите на државната власт, се должни да ги чуваат и штитат тајните
податоци на одбраната и да ги извршуваат пропишаните мерки за заштита
на тајните податоци.
Критериумите и мерките за заштита на тајноста на податоците од значење
за одбраната ги пропишува Владата со уредба.
Член
139
Припадниците на Армијата се должни да ги чуваат и штитат тајните
податоци од значење за Армијата и да ги извршуваат пропишаните мерки
за нивна заштита.
Критериумите за утврдување на тајните податоци значајни за Армијата
кои мораат да се чуваат како тајна и мерките за нивна заштита со
правилник, ги пропишува министерот за одбрана.
Член
140
Заради заштита на безбедноста на Републиката во зоните кои согласно
со Планот за одбрана на Републиката се посебно уредени за потребите
на одбраната или се предвидува нивно уредување, може да се ограничи
слободата на движењето, престојот или населувањето.
Одлука за определување на зоните од став 1 на овој член донесува
Владата.
Член
141
Снимање од воздух и други видови на истражувања за изработка на
картографски публикации можат да вршат само правни лица кои ќе добијат
одобрение од Владата.
Физички и правни лица не можат да вршат снимање ниту научни и други
истражувања во објекти и зони од значење за одбраната, како и во
зоните во кои се ограничува движење, престој и населување, без одобрение
на Министерството за одбрана.