Историја на АРМ

1992 - 2002
24.09.2002
1992

14 февруари – Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија (Службен весник на РМ, број 8 од 15 февруари 1992 година).
21 февруари – Во Скопје е склучен договор меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ Благоја Аџиќ за дислокација на ЈНА од територијата на Република Македонија.
11 март – Постариот водник Сонко Ангеловски, за прв пат на македонски јазик, ја прими должноста командир на караулата "Рамна нива" на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Истиот ден се преземени и караулите "Рамна нива" и "Коприва".
17 март – При пречекот на делегацијата на Република Словенија на чело со претседателот Кучан, за прв пат при пречек на висок гостин беше интонирана македонската државна химна "Денес над Македонија се раѓа", првпат беше построена Почесната единица на АРМ со македонско државно знаме и за првпат командантот на почесната единица, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.
20 март – Заврши примопредавањето на граничните објекти – караули на Република Македонија со соседните држави: Бугарија, Албанија и Грција.
26 март – Во Скопје е преземен последниот и најголем воен објект на Македонија касарната "Маршал Тито", денес "Илинден".
27 март – Република Македонија ја презеде контролата над сета своја територија со своја војска. За ова е потпишан договор во Скопје меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија замина и последниот војник на ЈНА.
14 април – Во гарнизонот во Охрид пристигна првиот регрут, припадник на Армијата на Република Македонија. Тоа беше велешанецот Панче Јамандиев, роден во 1970 година.
15 април – Во касарните во Скопје, во Штип и во Битола пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија.
17 април – Во Скопје, тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров ја откри новата натпис-плоча на Домот на Армијата, на кој пишува: "Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје". Со тоа на симболичен начин беше одбележано доаѓањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и на нејзиното воено осамостојување.
9 мај – Во касарната "Маршал Тито", денес "Илинден", првата класа регрути од регрутниот состав на Армијата на Република Македонија ја даде својата свечена обврска. Следните денови македонските регрути свечена обврска дадоа и во другите касарни на Републиката.
19 мај – На граничниот премин Меџитлија, кај Битола, на границата со соседна Грција, е извршено менување на дотогашните државни ознаки со македонски, а следниот ден и на граничните премини Богородица и Дојран.
28 мај – Собранието на Република Македонија го донесе законот за преминување на државната граница и преминување на државниот појас. (Сл.весник на РМ бр.36/8 од 8 јуни 1992 година).
24 јули – Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, е промовиран првиот број на списанието "Одбрана".
27 јули – Во Скопје, во чест на започнувањето на курсот за дообука, во касарната "Кузман Јосифовски – Питу" е одбележан почетокот на високото воено школство во Република Македонија.

1993

3 јуни – Владата на Република Македонија донесе одлука со која 18 август, денот на формирањето на баталјонот "Мирче Ацев" во 1943 година, го прогласи за Ден на Армијата на Република Македонија.
18 август – За прв пат е прославен Денот на Армијата на Република Македонија.

1994

14 јуни – Војската на СР Југославија влезе 250 метри на територијата на Република Македонија кај месноста Чупино Брдо, кај Крива Паланка. Се повлече на 2 јули 1994 година.

1995

7 јуни – Собранието на Република Македонија го донесе Законот за Воена академија на РМ (Сл. весник на РМ бр. 30 од 14 јуни 1995)
17 август – Во Скопје, во составот на весникот "Вечер", излезе првиот број на "Армиски збор", весник на Армијата на Република Македонија.
15 ноември – Република Македонија стана 27-та членка на мировната иницијатива на НАТО "Партнерството за мир".

1996

1 февруари – Советот за безбедност на ООН го прифати предлогот на ООН од овој датум силите за превентивно распоредување на ОН – УНПРЕДЕП да станат целосно независна операција во Р. Македонија.
14 јуни – Во Брисел, во седиштето на НАТО, отворена е македонска канцеларија за врски.
14 јули – Единица на АРМ замина за Албанија, каде што учествуваше на мултинационалните воени маневри "Мировен орел '96". Тоа е прва вежба од таков вид на единица на АРМ.

1997

24 март – Во Скопје започна Главната конференција на првата мултинационална вежба што се одржа во Република Македонија од 11 до 17 мај 1997 година – "Спасител '97".
12 – 16 мај – На воениот полигон Пепелиште, кај Неготино, е одржана мултинационалната воена вежба "Спасител '97", прва од ваков вид организирана на територијата на Република Македонија.
22 – 31 август – Во Пепелиште се одржа билатералната "Медицинска вежба '97-2".

1998

15 јуни – Во Република Македонија беше изведена воздушна вежба на НАТО "Решителен сокол", со учество на 79 авиони. На вежбата учествуваа и припадници на единицата за специјални намени "волци".
11 – 18 септември – На полигонот "Криволак" се одржа мултинационалната вежба "Најдобар кооперативен зафат '98" со учество на 26 земји, од што 13 земји членки на НАТО и исто толку на ПзМ.
2 декември – Владата на РМ донесе одлука за доаѓање на НАТО силите во Република Македонија во функција за извлекување на верификационата мисија на НАТО во Косово.

1999

2 март – Во Скопје, во касарната "Гоце Делчев" се промовирани 64 водници на Армијата на Република Македонија, прва класа подофицери произведени во Центарот за воено образование и обука, денес Воена академија на РМ.
29 јули – Во Скопје, во ворната академија, е промовирано произведување во офицерски чин потпоручник на питомците од првата генерација школувана во Воената академија "Генерал Михаило Апостолски".

2000

14 март – Претседателот на РМ Борис Трајковски донесе уредба за видот на униформите на припадниците на АРМ.
19 јануари – Во Скопје во Воената болница, под раководство на кардиохирургот д-р Жан Митрев, е отворен првиот Центар за кардиохирургија во РМ.
16 јуни – Основана е Првата гранична бригада на Армијата на Република Македонија.
21 април – Во Скопје, во издание на Министерството за одбрана на Република Македонија, е промовиран првиот број на списанието "Современа македонска одбрана".
16 октомври – Врховниот командант на вооружените сили и претседател на РМ Борис Трајковски и го предаде военото знаме на Првата пешадиска бригада од силите за брзи реакции од првиот корпус на АРМ. Со тоа е промовирана почетната оперативна готовност на Бригадата.
19 декември – Во Скопје, во Воената академија на РМ, беа промовирани првите подофицери за основни командирски должности за пешадискиот род на Армијата на Република Македонија, школувани според стандардите на НАТО.

2001

26 февруари – Во реонот на селото Танушевци, во непосредна близина на граничната линија на македонско – југословенската граница (во делот кон Косово) дојде до вооружена престрелка меѓу органите на обезбедувањето на нашата граница со (тогаш) непознати вооружени лица во црни и во маскирни униформи. Почетокот на кризата во РМ.
23 февруари – Во Скопје е потпишан договорот за утврдување на границата меѓу Македонија и СРЈ.
14 март – Ескалација на судирите со албанските терористи. Во Тетово е одржан митинг со милитантни пораки. За време на митингот, албанските терористи отвараат оган врз безбедносните сили од Тетовското Кале и од околните села.
13 мај – Формирана Владата на политичко единство со цел да зајакне безбедноста на државата и да дојде до нејзино стабилизирање.
30 мај – Собранието на РМ го донесе Законот за одбрана (Сл. весник на РМ бр. 42 од 1 јуни 2001 година). Првиот Закон за одбрана по осамостојувањето на РМ е донесен на 14 февруари 1992 година.
22 јуни – Македонските безбедносни сили ја почнаа решителната офанзива за чистење на теренот од албанските терористи во селото Арачиново, Скопско.
23 јуни – Двата борбени авиони "сухој" 25 на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршија првите извидувачки дејства над македонското небо.
3 јули – Кај селото Радуша, Скопско, безбедносните сили на РМ водеа една од најжестоките битки против албанските терористи.
5 јули – Началникот на Генералштабот на АРМ Панде Петровски и генералот на полицијата Ристо Галевски, од македонска страна, со претставниците на Европската унија и со НАТО потпишаа изјава за прекин на огнот со албанските терористи. Иста изјава потпишаа и претставникот на таканаречената ОНА Али Ахмети, генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон и претставникот за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана.
13 август – Претседателот на РМ Борис Трајковски, и лидерите на ВМРО – ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски, на СДСМ – Бранко Црвенковски, на ДПА – Арбен Џафери и на ПДП – Имер Имери, го потпишаа Рамковниот договор за разрешување на политичката и безбедносната криза во земјата. Согласно со Договорот, следеше мисијата "Жетва", а потоа и мисијата на "Килибарните лисици" во нашата земја.

2002

29 април – Одбележана 50-годишнината од Организацијата на воените старешини на РМ. За своето полувековно организирано и активно постоење Сојузот на воените старешини на РМ цврсто се втемели во нашето постоење како државна заедница. Активностите и задачите на планот на едукација и на обучување на резервните воени старешини ОВРСМ го остварува во непосредна соработка со МО и со ГШ на АРМ и според НАТО стандарди.
Јануари – август – Имплементација на Рамковниот договор. Враќање на мирот, но политиката и безбедносната состојба и натаму не е стабилна и е оптоварена со нерешени прашања. Распишување парламентарни избори......

                                    
english                
на почеток             мапа на сајтот            

министер | структура | нгш | организација | воено образование | закон за одбрана | нато и пзм | линкови
стратегија за одбрана | соопштенија | публикации | прес конференции | фото галерија