Министерка за одбрана на Република Северна Македонија

РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА ЈАНКОВСКА

Shekerinska_biografijaРадмила Шекеринска Јанковска првпат е избрана за министерка за одбрана во мај 2017 година и во време на тој мандат, Република Северна Македонија стана полноправна 30-та членка на НАТО, што беше стратешка цел на земјата од нашата независност.

Радмила Шекеринска Јанковска е родена на 10 јуни 1972 година во Скопје. Дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995 година. Магистер е по меѓународни односи на Флечер школата за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс во САД.

Во мај 2018 година, од Република Франција беше одликувана со орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“. Орденот се доделува за истакнати граѓански заслуги, а воспоставен е во 1963 година од Генералот Де Гол. Таа е прв политичар од Република Северна Македонија што од Република Франција добива признание од ваков ранг.

Во периодот 2002-2006 година Шекеринска беше Заменичка на претседателот на Владата задолжена за европска интеграција и координатор за странска помош. Токму во тек на нејзиниот мандат, нашата земја го стекна кандидатскиот статус за членство во Европската Унија.

Во 2009 и 2012 година, Шекеринска беше избрана за шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарни избори во Киргистан и во Ерменија.

Шекеринска ги претставуваше граѓаните во највисокиот законодавен дом во периодот од 1998-2002 и 2006-2011. Раководеше со Националниот совет за европски интеграции од неговото основање до 2014 година. Учествуваше во делегациите на Собранието за соработка со Европскиот парламент и Интерпарламентарна унија.

Во 2005 стана добитник на наградата Млад глобален лидер, што ја доделува Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан. Член е на групата Munich Young Leaders (Минхенски млади лидери) формирана во рамките на Минхенската конференција за безбедност а беше членка на Европскиот Стратешки Форум, на Советодавниот одбор на проектот Schengen White List  и на Советот на Институтот за културна дипломатија.

Во 2008 година беше избрана за еден од потпретседателите на Социјалистичката интернационала (СИ), функција што ја вршеше до 2011 година. Член е на Претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.

Радмила Шекеринска – Јанковска е мажена и има ќерка. Зборува англиски и француски јазик.

Анкетен лист на министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска линк до ДКСК

Нето плата 73.145,00 денари

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail