Одржана тркалезна маса на тема „Република Македонија, регионот и евроатлантските интеграции“

Развојот и реформските активности во процесот на евроатлантското интегрирање беа во фокусот на тркалезната маса на работна тема „Република Македонија, регионот и евроатлантските интеграции“ која денеска во организација на Министерството за одбрана се одржа во Домот на АРМ.
Како што истакна министерот за одбрана, Фатмир Бесими, целта на оваа тркалезна маса е да се дискутира за одданоста на Министерството и на Република Македонија за континуирана имплементација на реформите во одбранбено-безбедносниот сектор, и аналогно на тоа за одданоста кон целосно евроатлантско интегрирање на земјата. „Нема алтернативен пат на процесот на интегрирање во Евроатлантските структури, освен преку регионалната кооперација и одржување на добрососедските односи“, додаде министерот Бесими. Како што потенцираше тој, токму тоа може да се види и во рамките на групата А5, која ја покажа својата ефикасност и успешност во ова насока.
Воедно, министерот го истакна и суштинското значење на новиот концепт на НАТО, „паметна одбрана“, кој подразбира здружување на капацитетите на партнерските земји со цел амортизирање на елементите на економската криза врз овој суштински сектор и додаде дека земјите дел од А5 се насочени кон имплементација на овој концепт во т.н. „air policing“. Дополнително, укажувајќи подетално на начинот на вметнување на „паметната одбрана“ во процесите на работа на Министерството и на Армијата на Република Македонија, министерот Бесими ги спомена човечките ресурси и кариерниот развој, методологијата за планирање на реформските процеси, координацијата на цивилниот и воениот сектор, апликацијата на софтверски решенија во процесите на менаџирање со документи и во логистиката, како и регионалната кооперација. Воедно министерот Бесими додаде дека во периодот што следи ќе се изготви и официјален документ за активностите за имплементација на овој концепт.

Укажувајќи дека целта на евроатлантските интеграции е подобар живот за сите граѓани, амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија, Мариа Шурман, истакна дека реформите и регионалната соработка се добредојдени кога станува збор за интеграцијата во НАТО која се темели врз заедничките интереси и вредности.

Пред присутниот дипломатски кор како и воените аташеи од земјите-членки на НАТО, дел од бившите министри за одбрана и претставниците на НАТО и „Буз Ален Хамилтон“ советодавниот тим, амбасадорот на САД, Пол Волерс подвлече дека Република Македонија покажа голем напредок во однос на интероперабилноста на припадниците на АРМ со силите на НАТО, факт кој може да се види и преку активната партиципација на АРМ во меѓународните мировни мисии, потенцирајќи ја мисијата на силите ИСАФ во Авганистан.

Регионалната соработка, пак, беше во фокусот на обраќањето на амбасадорот на Република Албанија, Арбен Чејку, кој ги потврди одличните односи помеѓу двете земји во полето на одбраната и безбедноста, како и непроценливиот бенефит од соработката во рамките на А5 групата.

Како дел од говорниците, Лазар Еленовски, бивш министер и претседател на Северноатлантскиот совет на Македонија своите размислувања ги насочи кон три засебни компоненти – националната, споменувајќи ги иницијативите на Министерството за одбрана за развој на безбедносниот сектор и развој на новиот концепт на НАТО, потоа регионалната, со акцент на меѓусебната зависност и евроатлантските интеграции како компонента за која свесноста е широко распространета и која континуирано продолжува во општествен контекст и по влезот во овие воено-политички сојузи.

Тркалезната маса, како начин за неформална дискусија за патот на регионот кон евроатлантско интегрирање е дел од активностите за одбележување на јубилејот на Армијата на Република Македонија, „20 години АРМ“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail