27.noemvri.2002

Intervju - Vlado Bu~kovski, minister za odbrana
za perspektivite na Makedonija po pra{kiot samit, za transformacijata na Armijata

Samitot vo Praga ne e kraj, tuku po~etok na pro{iruvaweto


Господине Бучковски, по Самитот во Прага и историското проширување на Алијансата, Македонија, според очекувањата, и натаму останува со својство на кандидат за членство, со напомена дека НАТО ја отвора врата за прием на нови членови. Колку реално вратата е отворена за нас?

- Вратата е ширум отворена. Сe ќе зависи од нас дали ќе се решиме да направиме чекор напред и да влеземе во клубот кој сега брои 26 члена. Иако декларативно немаме дилеми околу потребата да се членува во НАТО-алијансата, во изминатите четири години, реално не направивме ништо сериозно за тие наши декларативни намери да ги преточиме во сериозно подобрување на нашата позиција. Треба да бидеме објективни да признаеме дека не само кризата, туку и анти НАТО-хистеријата која кулминираше за време на кампањата за парламентарните избори, што ја предводеше поранешниот премиер Георгиевски, во многу ги поматија шансите на Македонија и сега да котира подобро меѓу членките на НАТО. Би било претенциозно да кажам дека новата Влада успеа да направи чудо за еден месец и да го врати угледот на Република Македонија, но ќе кажам нешто што е факт, а тоа е дека демократските и фер организирани избори каде што граѓаните дадоа поддршка на политичките опции кои отворено ја промовираа про НАТО и проевропската опција на Македонија, оставија можност на Самитот во Прага вратата да ни остане отворена. Не е тајна, на маргините на Самитот разговаравме со дел од соработниците на Робертсон кои велат дека во спротивно, не дај боже, ако победеше опцијата на ВМРО-ДПМНЕ и Георгиевски, веројатно нас и ќе нe немаше во оваа група на аспиранти кои чекаат да се укаже нова шанса.

Очекуваме, кога ќе има повторно покани, како што е редот во политиката на отворена врата, да се случи тоа и со нас. Тоа категорично е запишано и во документот во Прага каде што се вели приемот на новите членки не е крај, туку почеток. И мене и сите што бевме во Прага нe охрабрува пораката дека нема да бидеме заборавени и дека сето она што се случуваше не е крајот, туку почетокот на нашите аспирации да станеме полноправна членка во НАТО.

Меѓутоа, има една песимистичка варијанта според која Македонија за подолго останува надвор од проширувањето на НАТО и дека сега е кренат ѕидот кон т.н. Западен Балкан. Затоа дали Прага е нашето отрезнување, разочарување или, пак, нов поттик?

- Став на нашата делегација е дека ова што се реши во Прага треба да биде дополнителен поттик за нас, а никако разочарување. Треба да се биде објективен и да се каже дека оние кои ги проценуваа и оценуваа нашите достигнувања го направија тоа реално и објективно. Не можеме да се залажуваме и да живееме во облаци, па да тврдиме дека ни е нанесена неправда. Напротив, вреднувањето на нашите достигнувања е многу реално. Истакнати се оние придобивки со кои треба да се гордееме, а не се спомнати маните кои самите знаеме дека ги имаме. За темата дали овие балкански држави од т.н. Западен Балкан се заборавени се говореше на пробните средби во Прага, посебно на оние на кои настапуваа заеднички трите делегации. Апсолутно, третманот што го има Западниот Балкан во поглед на асоцијацијата во Европската унија не е истото клише, истиот модел, што ќе се применува и за приемот на нови членки во НАТО.

Ние, дефинитивно, со проширувањето на НАТО со две држави од нашето опкружување, Бугарија и Романија, ги зголемуваме шансите наскоро да ја добиеме поканата. Што значи точно наскоро е тешко да се прогнозира. Пред неколку ден дадов изјава дека најголемите оптимисти или некои од нашата делегација кои бевме во Прага, говореа отворено дека очекуваме во 2004 година да ја добиеме поканата, што мислам е преоптимистички. Реален оптимист, како мене, би бил задоволен тоа да се случи во 2006 година.

Македонија во Прага излезе со две регионални иницијативи?

- Охрабрен сум од начинот на кој им се пристапи или беа прифатени двете иницијативи. Едната ја иницираше претседателот Трајковски и таа формално беше прифатена со тоа што постоеше нонпејпер презентиран од страна на претседателите на Албанија, на Хрватска и на Македонија. Втората иницијатива на маргините од Самитот се обидов да ја промовирам со грчкиот колега Папаантониу. Се однесува на формулата која успешно ја спроведуваа Турција и Грција во промовирањето на Романија и Бугарија за полноправни членки на НАТО. Поучени од тоа искуство, побарав од министерот за одбрана на Грција да се примени истата формула за промоцијата на други двата соседи на Грција: Албанија и Македонија. Папаантониу ја даде својата согласност и побара од новиот министер за одбрана на Турција да ја побараме поддршката и да го пренесе нивниот став дека и Грците се подготвени да настапуваме со овој вид регионална соработка. Како потврда дека оваа иницијатива ќе наиде на поддршка е и средбата со министерот за одбрана на Романија, кој пренесувајќи го своето искуство призна дека Грција и Турција со лобирањето и со пренесувањето на искуствата за време на нивната интензивна соработка многу придонеле за добивањето покана Романија да стане членка на НАТО. Мислам дека ќе наидеме на поддршка на нашата идеја и ќе промовираме еден од сегментите што посебно се вреднува во НАТО, а тоа е можноста преку нудењето соработка на регионално ниво да се придонес и во регионалната стабилност воопшто.

Ве молам за едно резиме. Прашкиот самит мина, вратата за прием останува отворена. Кои се сега македонските приоритети, што ќе биде нашата работа?

- Треба да бидеме доследни во она што го потпишавме како наша Акциона програма или Акционен план за членство, документ што во изминативе години можеби не беше доволно афирмиран во домашната јавност. Новата Влада е решена да настапува поинаку во презентирањето на придобивките кои се пред Македонија доколку стане полноправна членка на НАТО. Тоа значи дека сме подготвени за спроведување на реформите во одбранбениот и безбедносниот систем и дел од реформата веќе презентиравме во јавноста. Но, таа реформа да не биде само задача на Владата, туку и задача на претседателот, а треба да добие поддршка и од јавноста. Затоа нашиот план е оваа годинешна програма за членство да ја продуцираме и пред парламентот. Владата ќе побара да има и седница на парламентот каде што на македонската јавност ќе и бидат достапни сите оние показатели кои ги имаме набележано во Годишната програма, со дефинирање на чекорите, но и на финансиските средства што ќе бидат потребни за оваа реформа. Убеден сум дека новата Влада го има политичкиот капацитет, дека поддршката што ја има во јавноста ќе и даде поддршка да се спроведат реформите.

Она што ќе биде потешкиот дел од работата е да се обезбедат финансиски средства, затоа што најавите за модернизирање на Армијата, како и навестувањето за рестрикција во бројот на офицерскиот кадар и цивилите кои се вработени и во Армијата и во МО, ќе бара финансиска поддршка. Тоа бара посебна финансиска и социјална програма затоа што, дефинитивно, нашата појдовна основа е дека никој со оваа реформа не смее да остане на улица. Значи, ако ја спроведуваме реформата, а цврсто сме решени во тоа, таа ќе мора да биде финансиски поддржана, па затоа веќе сега, во разговорите со ММФ и со Светска банка, навестуваме дека ќе бидат потребни посебни средства за преструктурирањето на Армијата. Од друга страна, веќе ги најавиме посетите на Брисел, каде што од јануари ќе разговараме да искористиме дел од фондовите на НАТО за преструктурирањето на нашата Армија.

Во оваа реформа што ја најавувате, имам впечаток, имате сериозен отпор од дел од медиумите и партиите од опозицијата. Тој отпор посебно се однесува на, условно земено, емотивните врски што се имаат кон најавата за ослободување на Армијата од тенковите и авионите?

- Како министер за одбрана ќе се обидам да излезам од стандардното клише политичарите да се подведуваат на преовладувачко јавно мислење. Сметам дека во сите реформи политичарите се оние кои треба да имаат визија и треба да го профилираат и да го придобијат јавното мислење. Бидејќи свесно веќе ја отворивме темата, нам ни одговара да има дебата и да се кршат копјата околу некои работи кои мора да се случат во иднина. Непријатно сум изненаден што и претходно не се даваше дополнителна поддршка или не се обелоденуваа некои потези што се правени во Министерството за одбрана. Задоволен сум што и претходниот министер за одбрана во поглед на рестрикцијата на бројот на тенковите и на решавањето на судбината на авионите "сухој 25" има исти гледишта со оние што сега ги набележавме во Годишната програма за членство. Има документи од кои се гледа дека и претходната влада преземала обврска да се случи тоа. Не гледам причина зошто тоа се криело од јавноста. Прашањето е чувствително и ако не се отвора, ако се држи под тепих, во моментот кога ќе биде на маса, ќе предизвика уште побурна реакција на домашната јавност. Затоа има доволно време до крајот на 2004 година да се реши проблемот со тенковите и со "сухоите". Тоа е период во кој ќе се видат сите аргументи про и контра. Сметам дека компаративните искуства, кои претпоставувам излегоа и во нашите медиуми, говорат за трендот кај сите членки-аспиранти за НАТО. Што сe направиле седумте држави кои од аспиранти веќе станаа кандидати со покана и ќе видиме дека поминале низ сите реформи. Веројатно ни на Бугарите и на сите други не им било лесно да ја намалат армијата од 100.000 на 50.000, но се гледа дека сите го поминале тој трнлив пат. Реформата мора да почне. Досега се подготвувавме, на оваа Влада и падна задачата да ја интензивира реформата и да го направи она што мора да се направи. Ние се обврзавме до 2007, значи идната влада ќе треба да ја доврши реформата кога, веројатно, ќе бидеме со покана за членство на НАТО.

Како е примена најавата за реформи во Генералштабот на АРМ?

- Реформата која се навести и она што е запишано во Годишниот план за членство го правеа експерти на Министерството за одбрана и од Генералштабот. Генералштабот беше вклучен и ние доследно ги почитуваме уставните и законските решенија. Се знае кое е местото на министерот и на Министерството за одбрана. Го респектираме она што го направија како чекор напред експертите од Генералштабот на АРМ.

Од кругови околу претседателот Трајковски пристигнаа сигнали дека со најавените реформи во Армијата набележени во Акциониот план сте се замешале во надлежностите на шефот на државата?

- Нема потреба затскривајќи се зад Уставот и неговото погрешно толкување и затскривајќи зад Законот за одбрана некој да промовира или да создава простор за нарушување на коректните односи што постојат меѓу претседателот и Владата, пред сe меѓу претседателот и Министерството за одбрана. Министерот за одбрана и МО доследно го почитуваат Законот за одбрана. Во него, во член 20, категорично е запишано дека обврска на МО е да предлага организација и формација. Тоа и го направивме. Предложивме организација и формација на Армијата во Годишниот план за членство. На претседателот на државата, како врховен командант, во член 18 од Законот за одбрана му е дадена можност, како негово законско овластување, да ја пропишува таа организација и формација. Значи, не е ништо спорно дека предлогот треба да дојде од Армијата. Факт е дека со Годишниот план за членство се навестува реорганизација, а претседателот и неговиот кабинет добија примерок од тој владин документ , што патем е испратен и во Брисел. Сите забелешки од страна на претседателот и од Собранието ќе бидат вградени во финалниот документ. Така што начинот на кој се одвиваше сета оваа процедура е направена согласно со Уставот и со законите и непотребно некој се обиде да го прикаже ова како повторно кршење на Уставот и законите и загрозување на позициите кои ги има претседателот на државата.

Како ја оценувате моменталната безбедносна ситуација во поранешните кризни региони, а особено на самата граница. Оттаму деновиве пристигаат најави за нови опасности од појава на терористички групи од Косово?

- Безбедносната состојба се оценува како стабилна. Граничниот појас е под контрола на АРМ, а забележани се неколку инциденти кои се манифестираат со по неколку пати дневни илегални минувања на границите. Она што ја привлече јавноста се случувањата во Танушевци, каде што според процената на АРМ и МО, сe е пренадуено. Реално таму има проблеми и ќе се обидеме да ги решиме. Проблемот со илегалното преминување на границата на дел од населението од Танушевци е актуелен подолго време. Гледајќи ги документите уште во февруари оваа година, АРМ се согласува со тоа дека таму е потребно отворање привремен граничен премин, со кој се елиминира можноста од продолжување на илегалните премини на границата од населението од тој крај. На идеја сум уште на првата наредна седница Владата да го разгледа ова прашање и да однесе одлука за отворање привремен граничен премин кај Танушевци и на тој начин дополнително да ја стабилизираме безбедноста состојба во овој регион. Подобро е навреме да се реагира отколку да се трча по настаните и со ад хок решенија да се остава простор за некој посериозен инцидент. Дефинитивно, според извештаите на АРМ, но и извештаите на полицијата и на меѓународната заедница, во тој регион не се забележани групации под оружје кои, наводно, влегле од страна на Косово и се присутни во Танушевци.

Македонија, овој пат, се чини, со судни маки доби ново продолжение на присуството на мисијата на НАТО-силите. Македонија се наоѓа во многу деликатна ситуација да избира меѓу НАТО и ЕУ-силите. Каков е ставот на Владата за оваа или-или непријатна ситуација?

- Владата беше во непријатна позиција и со одлуката од пред десет дена се обиде дипломатски да одигра навестувајќи ја потребата од понатамошно меѓународно воено присуство. Се обидовме да не лицитираме дали тоа да бидат силите на НАТО или ЕУ. Се обидовме да се реши тоа во Брисел, и се реши, како што велите, со судни маки. Но, и во завршниот документ во Прага е оставена можноста додека трае мандатот на НАТО-силите во следните шест месеци да се случи трансформирање и доаѓање на европските сили. Во краен случај можноста се дава затоа што и сега силите во состав на "Килибарните лисици" се европски.

Оставено е во односите меѓу НАТО и ЕУ да се примени формулата "Берлин +", односно формулата која нуди можност при промената на мисијата да биде вклучена и логистиката и разузнавачките податоци, но и сe што е потребно за да се направи тоа безболно. Во контактите кои ги имавме во Прага евидентно е дека противењето на Франција била токму поради тоа што во ЕУ се решени токму во Македонија да се случи промоцијата на евросилите. И тие веќе работат на тоа. Нивната оператибилност се најавува за март, што значи дека може да се случи додека трае продолженото воено присуство на НАТО да присуствуваме на промоција на евросилите во Македонија.

Но, зошто толку навалица за доаѓање на евросилите, ако се цени дека странско воено присуство ќе биде доволно само до јуни идната година?

- Не верувам дека планираат да останат подолго. Мислам дека и терминот што го проектираме или што го посакуваме како краен рок за меѓународно воено присуство во Република Македонија, а тоа е средината на идната година, ќе се совпадне со нивните желби да имаат промоција во Македонија, која може да биде краткорочна. Од друга страна е евидентно дека ќе мора да покажеме од средината на 2003 до средината на 2004 година дека сме способни самите да ја одржиме безбедноста и стабилноста во нашата држава и тоа мислам дека ќе биде плус во нашите намери уште посериозно да нe третираат во оценувањето на нашата подготвеност да станеме членки на НАТО.


Ako imate zabele{ki ili predlozi vo vrska so ovoj sajt, ispratete poraka na webmaster.
© 1998-2001 Ministry of Defence of the Republic of Macedonia, all rights reserved.