Govor na Pretsedatelot na Republika Makedonija, Boris Trajkovski

po povod Denot na Armijata na 18.08.2001 godina


 

ВОЈНИЦИ, ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ,ЦИВИЛНИ

ЛИЦА НА СЛУЖБА ВО АРМ, СТАРЕШИНИ,

ПОЧИТУВАНИ ГОСТИ,

Ми претставува посебна чест вам - на припадниците на Армијата на Република Македонија, да ви го честитам Денот на Армијата – 18 Август. Честитката е упатена до вас што стоите во овој свечен строј, но и до сите оние припадници на Армијата кои во изминативе месеци и денес цврсто, непоколебливо, со висок борбен морал и хероизам, професионално и достоинствено стојат на бедемот на татковината бранејќи го нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

За првпат од осамостојувањето на Република Македонија и од формирањето на нашата Армија, на шите војници, заедно со припадниците на Министерството за внатрешни работи се исправени пред основната задача да ја бранат нашата татковина и сите нејзини граѓани од крволочните напади на терористичките банди.

Во одбраната на најсветите величија, во извршувањето на оваа света и чесна задача, за жал, имавме и скапоцени жртви. Неколку десетици македонски синови – бранители на Република Македонија – ги положија животите на пиедесталот на одбранбените бедеми на државата. Многумина се ранети и повредени. Нивните имиња и херојски подвизи ќе останат трајно и неизбришливо вградени во историјата на државата и нејзината Армија.

Во оваа исклучително сложена воено-политичка состојба во земјата, сакам да потсетам дека во изминатите месеци, започнувајќи од настаните во Танушевци, па до денес бевме очевидци на настани кои се своевиден преседан во историјата на човековото цивилизациско опстојување. Терористичките групации, подло криејќи се под превезот на наводната борба за етнички човекови права, да атакува и освојува територии кои се неотуѓива историска сопственост на сите граѓани на Република Македонија. Зошто реков наводната - бидејќи ова е очигледен пример на двоен морал, - како може да се легитимираат албанските терористи дека се борат за човекови права - кога средствата за нивните активности ги собираат токму преку кршење на човекови права - силувања, грабежи, тепања, протерувања од домови...

Република Македонија ниту еден миг немаше дилема дали треба воено да се брани и одбрани од атаците на терористичките банди. Вие и сите ваши колеги - припадници на безбедносните сили на Република Македонија најдобро го знаете тоа. Знаевте дека на непријателот нема да му се дозволи да биде победник, но крајно достоинствено и одговорно ја почитувавте определбата да му ја дадеме шансата на мирот одејќи по подолгиот пат. Затоа првенствено ги употребувавме дипломатско-политичките средства. Целта е позната - да дојдеме до вистинско и трајно решение на проблемите со што помалку жртви и со што помали разорувања.

Јас како врховен командант на Армијата на Република Македонија и како нејзин Претседател, како и другите членови на македонскиот државен врв, бев и сега сум сосема свесен дека тоа е многу тежок, на моменти за некого и неразбирлив пат, но сепак единствениот пат да се дојде до трајно и вистинско решение. Свесен сум дека во услови кога терористите секојдневно ја покажуваат својата бескрупулозност, палења на домовите, раселувања на цивилни лица, малтретирања, кај голем дел од граѓанинте на нашата земја се раѓа желбата за енергично воено делување. И тоа е сосема нормално за луѓето кои си ја сакаат татковината.

Со денови и месеци, напорно работевме на барањето излез, но ниту еден момент не останавме без план за воена акција, ниту пак без наредба за делување кога тоа мораше да се стори.

Во почетокот на неделава во Скопје потпишавме документ кој нуди излезни решенија, кој ги гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Република Македонија. Тој документ е и договор за мир бидејќи најдиректно им ги одзема од рацете лажните адути на терористите дека, наводно, се бореле за човекови или малцински права. Го сторивме тоа како демократска земја иако знаеме дека војната, особено меѓуетничкиот судир во Република Македонија што сакаат да ги предизвикаат терористите, е со сосема други мотиви. Стана сосема јасно дури и на најнаивните дека тие се понесени од чисто криминални побуди и дека се борат за територии.

Сега треба сериозно да се соочиме со проблемот на безбедноста на регионот и на Македонија и да воочиме кој е вистински проблем во него. Токму сега меѓународната заедница е пред вистинскиот испит. Лесно беше да се врши притисок на една демократска земја со легитимни и легални политички актери. Тие рационално и кооперативно реагираа, и договоров е продукт на тој процес. Но сега пред нас и пред меѓународната заедница останува вистинскиот проблем во регионот: албанскиот милитаристички екстремизам и нестабилноста што тој ја носи со големодржавните идеи зад себе. Уверен сум дека со потпишувањето на Рамковниот договор правиме голем чекор кон стабилноста во демократија, но уверен сум дека е ова само дваесет проценти од работата која ни стои пред нас за постигнување на мирот во регионот и Македонија. Ве уверувам и од ова место и во оваа прилика уште еднаш дека Македонија нема да отстапи ниту една педа од сувереното право да ја брани и одбрани својата територија и уставен поредок. Ќе ги употребиме сите средства за тоа и ќе победиме на тој пат.

Рамковиот договор го потпишавме врз основа на нашата јавно прокламирана желба за мирољубива разврска на кризата, но и со големата помош и поддршка што од самиот почеток ги добивавме од целата релевантна меѓународна заедница, од лидерите на водечките држави во светот и големиот ангажман на дипломатските претставници во Република Македонија, како и на клучните личности на ЕУ, НАТО и ОБСЕ.

Цврсто сме убедени дека тоа беше пресуден чекор за враќање на мирот во земјата и давање шанса на мирен крај на судирот. Текстот го гарантира соживотот и заштитата на човековите права и слободи на сите граѓани на Република Македонија апсолутно независно од нивната етничка или верска припадност. Тоа и доликува на Македонија зашто уште еднаш покажа дека е демократска држава каде низ демократска расправа може да се решаваат сите отворени прашања.

Како резултат на овој договор деновиве почна да се реализира и операцијата позната под името “Неопходна жетва”, што практично значи фазно разоружување на терористите од страна на НАТО која паралелно ќе тече со од моја страна веќе покренатата иницијатива пред Собранието на Република Македонија за уставни промени. Но, целиот договор може да биде доведен во криза и тоа посебно неговата имплементација ако нема јасна и демонстративна НАТО акција за разоружување на теренот. Многу е важно првите 10 до 15 дена да бидат најефективни и да имаат значајни резултати од разоружувањето. Со задоволство сакам да укажам дека ваквата позитивна разврска, која му дава сериозна шанса на мирот, целосно беше поздравена од меѓународната заедница.

Во оваа прилика сакам да укажам дека Република Македонија, како што тоа го правеше и во изминатиот период, доследно ќе го почитува договорот, но, го задржуваме своето легитимно право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата и мирот и спокојството на граѓаните.

Од ова место, по повод обележувањето на Денот на нашата Армија, како ваш врховен командант, сакам да ве уверам дека Армијата на Република Македонија, која во изминатите месеци на дело ги потврди своите вистински вредности, во наредниот период ќе се опреми, обучи и прерасне во мала, мобилна, но моќна Армија, способна да одговори на задачите и предизвиците што и се наметнуваат во одбраната на интегритетот и целовитоста на државата.

Честитајќи ви го уште еднаш празникот и посакувајќи ви лична среќа, ве охрабрувам и понатаму, како што тоа го правевте и досега, да бидете непоколебливи, смели и решителни бранители на татковината се додека таа е во директна опасност.

ВИЕ СТЕ И ЌЕ ОСТАНЕТЕ БРАНИТЕЛИ И ГРАДИТЕЛИ НА МИРОТ КОЈ МОРА ДА ЗАВЛАДЕЕ ВО ОВАА НАША УБАВА ТАТКОВИНА.

БЛАГОДАРАМ.


Ako imate zabele{ki ili predlozi vo vrska so ovoj sajt, ispratete poraka na webmaster.
© 1998,1999,2000,2001 Ministry of Defence of the Republic of Macedonia, all rights reserved.